Домашни и странски поети на првиот роденден на „Поетска епизода“

Во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје вечерва во 21 часот ќе се одржи новото издание на „Поетска епизода“. Оваа епизода е прв роденден на настанот, а ќе биде одбележана со поетско читање на поезија од поети кои годинава издале нови стихозбирки или нивни збирки добиле македонски преводи.

Во оваа епизода ќе учествуваат интернационалните гости: Ернесто Ередеро дел Кампо од Шпанија, Марио де Роза од Италија и Надија Реброња од Србија и домашните поети Александра Спасеска, Павлина Атанасова, Јосип Коцев и Перица Сарџоски. Настанот ќе биде модериран од младите поети Андреј Медиќ Лазаревски и Марија Велинова, а по читањето Ајнур Касо ќе пушта своја селекција од музика.

„Поетска епизода“ како концепт започна пред точно една година како проект на младите поети Андреј Медиќ Лазаревски и Ивана Јовановска, во организација на неформалната младинска организација за култура „Култура Бета“. Идејата на овој настан е да ја промовира и афирмира македонска поезија и да даде глас на новите и млади поети и поетеси.

– Бидејќи македонската поетска сцена во последно време се зголемува, а просторот за изразување не е доволен, решивме да направиме простор – простор за новите гласови, за новите поети, простор за промоција на новите поетски дела, простор за храбро истапување и пуштање на својата поезија во етерот – велат организаторите.

Низ „Поетска епизода“ доесега се претставиле 40-тина поети. Оваа епизода, како и претходната, е направена со поддршка на Europe House Скопје.

Сподели