Во аулата на Филолошкиот факултет во Скопје денеска во 10.30 часот ќе биде доделена наградата „Драги 2025“ за најдобар книжевен превод на македонски јазик. Петмина финалисти влегоа во најтесната селекција за наградата: Ермис Лафазановски за преводот од романски јазик на „Летото во кое мама имаше зелени очи“ од Татјана Цибуљак (издание на ТРИ), Јасминка Марковска за преводот од норвешки јазик на „Утро и вечер“ од Јун Фосе (издание на „Артконект“, Калина Малеска за преводот од англиски јазик на „Слобода: созревање на крајот на историјата“ од Леа Ипи (издание на „Или-или“), Лидија Танушевска за преводот од полски јазик на „Емпусион“ од Олга Токарчук (издание на „Антолог“) и Милан Дамјановски за преводот од англиски јазик на „Десет раскази“ од О. Хенри (издание на „Светла комора“).
За победникот одлучува жирито во состав: д-р Анастасија Ѓурчинова (претседател) и членовите д-р Јана Михајловска и Иван Шопов.
Наградата „Драги“ ја доделуваат Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје и издавачката куќа „Антолог“ со поддршка на Министерството за култура и туризам, а се состои од статуетка „Драги“ и паричен дел кој изнесува 40.000 денари. За наградата првично беа номинирани 35 прозни дела на 33 преведувачи, објавени од 18 издавачки куќи или поединци, за преводи направени од 17 различни јазици.
Наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“ беше воспоставена во 2022 година, а првото почесно признание му беше доделено на Драги Михајловски (1951 – 2022), македонски писател, преведувач, есеист и универзитетски професор. Освен со прозните дела, Михајловски остави трајна трага во македонската култура со преводите на делата од Шекспир, Милтон, Шели, Китс, Блејк, Елиот, Милтон итн. Објави и неколку студии и есеи од областа на теоријата на преводот, а со своите ставови за преводот влијаеше и на студентите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде што беше професор.





