До 24 април отворен конкурсот за награди на Македонската асоцијација на издавачи

Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) го објави 9. конкурс за наградите за најдобри достигнувања во издаваштвото во периодот меѓу двата саема на книгата кој годинава ќе се одржи од 8 до 14 мај. МАИ ќе додели признанија за најдобрите изданија, автори и издавачки проекти кои ја одбележаа изминатата година.

Конкурсот за наградите на МАИ е отворен за сите издавачи од Македонија, кои можат да конкурираат со своите најдобри изданија, автори и проекти во следниве категории: (1) Признание за најдобра едиција; (2) Признание за најдобар дизајн на корица; (3) Признание за најдобро ликовно-графички уредено издание; (4) Признание за најдобра книга за деца; (5) Признание за автор на годината; (6) Признание за најкреативно издание; (7) Признание за поттикнување на општествена одговорност и (8) Специјално признание за промотор на читачката култура.

– И оваа година МАИ сака да оддаде признание на издавачите и нивните тимови и соработници (писатели, графички дизајнери, илустратори…) кои од ланскиот саем до овој успеале да создадат единствени и оригинални дела, преку кои се подигнува нивото на издаваштвото и културата во нашата земја. На чекор пред јубилејот, оваа година МАИ по деветти пат ќе оддаде признанија за највисоките дострели во сферата на издаваштвото. Ги повикуваме сите издавачи да аплицираат со најдоброто што го сработиле во изминатата година и да влезат во трка за овие награди – вели Бојан Саздов, претседател на Македонската асоцијација на издавачи.

За наградите ќе одлучува независно жири: Весна Мојсова-Чепишевска, универзитетска професорка, Гордана Вренцоска, универзитетска професорка и графичка дизајнерка и Тони Димков, новинар од областа на културата.

Издавачите што сакаат да конкурираат, документот за апликација можат да го побараат на електронската пошта sekretar@mai.org.mk. Краен рок за испраќање на апликациите е 24 април, а свеченото доделување на наградите ќе се одржи на 9 мај, во рамки на Саемот на книгата.

Сподели