Автор: Александра Јуруковска
На првиот ден на 22. Фестивал на монодрамата, по претставата „Кармен“ на актерката Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, беше изведена и „Дневникот на лудиот II – Човекојадство“ на независниот театар „Златен Елец“. Втората монодрама на младиот актер Бобан Алексоски, во режија на Ѓорѓи Ризески е работена за време на пандемијата и неодамна ја имаше 10. изведба. Малиот јубилеј беше „проширен“ и со 40-та изведба на првиот дел од „Дневникот на лудиот“, што се одржа на 21 јуни. Оваа претстава беше премиерно изведена во 2017 година.
Во основата и на првиот и на вториот дел од храброт проект на Ризeски и Алексоски е драмата „Дневникот на лудиот“ на Гогољ, со тоа што вториот дел со поднаслов „Човекојадство“ зема мотиви и од истоименото дело на основачот на кинескиот реализам Лу Син.

Гледањето на двете монодрами едно по друго, со пауза од само десет минути е интензивно гледачко доживување, иако по некое непишано правило – монодрамата е токму тоа – еден од најинтензивните театарски изрази. Претставите се играа во просториите на Социјалниот центар „Дуња“ во Скопје, што на целото доживување му дава посебна тежина. Алтернативен простор, мала соба која со многу вештина и малку средства е пртворена во сцена (проектот се игра без билети, односно со донации). На моменти и во двете претстави, во функција се ставаат и дополнителните простории од старата скопска куќа, што додава уште еден плус за инвентивноста на малата екипа.
Бобан Алексоски како Лудиот: Актерот ја пречекува малата публика (согласно просторните можности, но и протоколите, претставата во „Дуња“ можат да ја гледаат 15-ина луѓе) на вратата од Центарот веќе влезен во својата улога, иако многумина додека се сместуваат не го забележуваат тоа. Тој ги послужува гледачите со кафе и сок и неосетно го тера својот монолог во кој ја внесува и публиката. Всушност, интеракцијата со гледачите е еден од клучните моменти во целата претстава која трае 50 минути. Односот со публиката е еден од главните фокуси на Алексоски, со кој тој се справува прилично успешно.
„Дневникот на лудиот“ на Гогољ е приказ на социјалната неправда, градската малограѓанштина на Петербург и неправдите кои ги преживува еден титуларен советник (чиновник) растргнат меѓу својата општествена немоќ и страстите кон една убава девојка. Токму расчекорот меѓу желбата и можностите ја раѓа фрустрацијата или во случајот на Аксентие Иванович– лудилото. Целата монодрама е омаж на лудилото, поткрепено со перфидниот хумор до степен на гротеска – карактеристична за поетиката на Гогољ. Гогољ е мајстор на пресвртот, на внесувањето необични нешта во најреалистичен контекст, а тоа раѓа или смеа или лудило.
Бобан како Аксентие се носи со лудилото прилично самоуверено, иако на места без доволна градација, односно нагло втурнување во психо-физичкото растројство на ликот. Монологот е динамичен, експлицитен, неговата игра, исто така. Онаму каде што вербално или интонациски е послаб, надополнува со гестикулација, а уште повеќе со мимика. Бобан му дава лик и поглед на Аксентие, човекот што смета дека доживеал необични нешта, па поради тоа е неправедно потценет или и не стигнува онаму каде што посакува – на тронот и/или лудницата. Неговата игра е самопрегорна, беспоштедна. Тој целосно се дава во она што го прави, па оттука и тешко е да се направи рез каде завршува режисерската интервенција, а каде почнува неговата креација или импровизација. Во целиот пакет има многу ентузијазам, моменти што потсетуваат на некои МОТ-овски експериментални проекти, но и ДАФ-овски ентузијазам и чиста љубов кон театарот.

По 10-минутната пауза, малата интервенција во шминката и костимот, Аксентие Иванович се претвора во демон, човекојадец, а можеби и брат на еден човекојадец – ова останува нејасно до крај. Втората монодрама со поднаслов „Човекојадство“, го продолжува режисерското читање на Ризески на Гогољ, дополнето со мотиви од делото „Дневникот на лудиот“ на Лу Син. Сцената е иста – соба облепена со весници кои откриваат или сокриваат клучни зборови како пораки. Динамиката е поголема, интеракцијата со публиката исто така. И покрај бруталноста на мотивите, хуморот е покристализиран, Гогољевата проникливост повидлива. Алексоски е подослободен, небаре повикот на демонското и канибалското во човекот му даваат сила за поцврста креација на ликот. Видеоинтервенциите кои се прикажуваат на излепените ѕидови се во поголема функција отколку во првиот дел (има тука дидаскалии, па поделени реплики, па премин на монологот во дијалог и еден мал театар во театар). Бидејќи сè се одигрува во еден здив, целата сцената е и мрачна и мачна. Напомената дека претставата е за публика над 18 години е сосема на место. Целото исчитување на лудилото како страв од човекојадството или како чекор до него, е доловено низ многу бруталност. Недоволно вешто одиграните сцени (убиство, пукање, фрлање) на кои можеби треба да се поработи од аспект на реквизити и нивна синхронизација со движењата на актерот, па и проширување на екипата, не ја помрачуваат беспоштедната игра на Алексоски. Тој гори на сцена. Неговиот голем психо-физички влог доминира над поттекстот на делото: стравот има две страни – човекојадство или малограѓанштина? Тоа е Гогољ! Кај него нема или-или. Има неочекувани и страотни ситуации, чија баналност лесно поминува во смеа. Кога смеата ќе стивне, останува пораката што актерот ја повторува како рефрен – „во новиот свет/време, ќе нема место за човекојадци. Потребни ни се хуманост, правда и морал“. Гледачот не може да остане рамнодушен.
На оваа млада екипа треба да ù се честита за храброста во лудило да се говори за лудилото. На актуелниот миг или општествен контекст во кој тие го прават својот маратон, би можел да позавиди и самиот Гогољ.
Театарџиите веруваат дека за монодрамата треба да се има и животна и театарска зрелост. Младата и мала екипа на театарот „Златен Елец“ пак, тоа го надоместува со својата силна верба во театарот и барањето простор за негов живот. Кога големите и професионални театарски куќи беа/се затворени повеќе од една година, кога, освен неколку исклучоци, не се ни потрудија да реобмислат други форми и простори, Бобан Алексоски и неговите колеги прават јубилеј од 40 изведби на различни и алтернативни сцени. Монодрамата е еден од потжанровите кои најлесно може да се прилагоди и преобразби и во постпандемскиот театар, секако доколку се подразбуди големата, а заспана театарска сцена кај нас.
Фотографии: Театар „Златен Елец“





