„Интимност и интерконекција“ е насловот на биеналната изложба „Зимски салон 2024“ која Друштвото на ликовните уметници на Македонија ќе ја отвори в четврток (22 февруари) во 2о часот во Чифте амам, во Старата скопска чаршија. Ова е една од традиционално најзначајните групни изложби која претставува селекција на ликовна продукција на тема одредена од интернационален куратор. Годинава селектор на делата е Оксана Карповец, кураторка од Украина чиј концепт претставува истражувачко поле во кое уметниците ги претставуваат сопствените релации со темата во различни ликовни медиуми.
– Селективноста на изложбата од куратор со значајно интернационално реноме овозможува во просториите на националната галерија „Чифте Амам“ да бидат изложени дела со висок квалитет.
Историски гледано, оваа изложба е клучна во однос на смелите уметнички дебати и поставки со кои се потврдува улогата на визуелните поставки како рефлексија на општеството, со независност која служи како платформа за експериментирање и предизвикување на постоечките конвенции во потрага по нови идеологии и начини на израз – велат од ДЛУМ.





