Длабок наклон за херојот Јован и за неговите врсници и професори од виничката гимназија! (Видео)

Со громогласни аплаузи и искрени честитки утрово матурантот Јован Костадинов беше пречекан од неговите врсници и професори од гимназијата „Ванчо Прќе“ во Виница, кои покажаа почит за неговата храброст – да спаси 21 дете од ужасниот пожар во кочанската дискотека. Јован е добар, се врати меѓу своите врсници од болничко лекување на Клиникаата за токсикологија. Тој е пример за млад несебичен и храбар човек, кој не мислеше само на себеси, туку го стави и својот живот во ризик за да спаси животи.

Ви го споделуваме видеото што го објави штипското радио Angels FM.

Денес и министерот за здравство, Арбен Таравари изрази почит кон младиот Јован. Како да се опише душа толку храбра и несебична, која во мигови на паника и опасност не помисли на себе, туку само на другите? – напиша министерот.

-Денеска со длабока емоција и бескрајна гордост, ви ја споделувам веста дека Јован Костадинов, храбриот млад човек кој спаси 21 живот во трагедијата со пожарот во Кочани, конечно се врати дома. Постојат моменти кога зборовите не се доволни, а ова е еден од нив. Како да се опише душа толку храбра и несебична, која во мигови на паника и опасност не помисли на себе, туку само на другите? Јован, кој има само 19 години, постапил како вистински херој. Влегувал повторно и повторно, не еднаш, не двапати, туку повеќе од 20 пати, за да помогне на оние што биле заробени во пламените. Го ризикуваше сопствениот живот за да спаси други. Неговото тело ги носи лузните од неговото јунаштво, но неговото срце носи нешто далеку поголемо: почитта, восхитот и љубовта на цела нација. Јован не е само херој на Кочани. Тој е херој на целата наша држава. Симбол на тоа што значи да се стави човечноста над стравот. Потсетник за сите нас колку многу може да направи еден човек со големо срце. Добре дојде дома, Јован. Твојата приказна ќе живее вечно, во животите што ги спаси, во семејствата што повторно се заедно и во срцата на секој граѓанин што сега го знае твоето име. Во име на сите граѓани, јас ќе кажам едно нешто, јасно и гласно: Никогаш нема да заборавиме“ – напиша Таравари.

Сподели