Пишува: Трајче КАЦАРОВ
Во книгата „Времето во театарот“ која всушност беше и моја дипломска работа на специјалноста „Тетрознание“, следена на НАТФИЗ „Крсто Сарафов“ во Софија, напишав дека театарот треба да е остров во архипелагот острови. Другите острови од архипелагот треба да им припаѓаат на сегментите без кое не може да се замисли организираното заедничко живеење. Со тоа сакав да кажам дека, во поглед на егзистенцијата, театарот треба да има апсолутна автономија.
Како што се нижат настаните на политичката сцена, од транзицијата, па до ден-денешен, нужно е апсолутна автономија да побараат, или да се изборат за неа, и творците од другите гранки на уметноста – писателите, сликарите и музичарите. Некој ќе рече како да имаат апсолутна автономија кога се под синакура на државата. Токму државата, во чии рамки егзистираат, треба да им ја овозможи. Не да поаѓа од девизата – кој плаќа, тој има право да бира што ќе му се свири, игра или слика. Наместо тоа треба да им ги уважува: слободната глава, храброста и широките потези на творците. Односно, треба да ѝ го уважува талентот.
Неизмерна е штетата ако државниот административен апарат, преку добро познати методи подадени од страна на секогаш обоената цензура, создава од уметниците и вработените во културните инстируции, културтрегери. Неизмерна ќе биде штетата ако творците наместо кон публиката, тргнат кон власта. Неизмерна ќе биде штетата, ако творците ја ведат главата (Наведната глава сабја не сечe) пред секој сатар на цензурата. Па, наместо да бидат искрени во своите уметнички изјави, ќе интерпретираат химнични творби во кои се опева фингирајот на власта.
Историјата на книжевноста е полна со податоци кои произлегуваат од животот во егзил на илјадници писатели. Сите тие се огрешиле на дражавниот апарат. Станале мети на цензорите кои обработуваат за властта. Низата протерани, затворани, измачувани, се протега од првиот регистриран писател, театарџија, сликар или коmпозитор. Сочувствувам со сите писатели поаѓајќи од Аристотел па преку Волтер, Пушкин. Љермонтов, Достоевски, Иго, Емил Зола, Ромен Ролан, Пастернак, Бродски, Солженицин, Ернст Јирген, Борхес , па се до Салман Ружди и слични на него.
За македонските писатели можеме да кажеме дека никогаш не биле стигматизирани од власта. Никогаш тие остроумници не биле десиденти. Како што некогаш пееле за Тито и партијата, така денес пеат за „Воинот на коњ“. Не биле десиденти, ама биле збунети и сè уште се збунети. Збунетоста ги тишти, ги смалува, педантно ги пакува во камен. Па, повеќето се „мртви ладни“ за сè она што ни се случува во државичево. Но, има и такви на кои збунетоста им ги отвора очите, па, загледани во Друштвото на писателите, прашуваат: „Чуму ни е ДПМ, ако немаме принадлежности од членувањето во него“? Загледани во „Рациновите средби“, прашуваат: „Кој ги дотурка Рациновите средби до ќорсокак? Заслужува ли тој свет празник на македонската проза да го организираат луѓе со неосведочени творечки вредности? Загледани во Струшките вечери на поезијата, прашуваат: „Кој ги турка Струшките вечери од Мостот на поезијата додека мујазинот на сет глас ја пее ноќната молитва“? Некои, пак, велат – вака како што тргнале „Струшките вечери“ бргу ќе стигнат до „Млада Струга“. Но, на крај, подобро да стигнат до „Млада Струга“, отколку до никаде.
Деновиве, еден од основачите на СВП, знаменит писател и преведувач, неколку пати ги забриша очилата со огромна диоптрија пред да праша. Прашањето му го постави на член на претседателството на ДПМ: „Ќе можете ли да ми кажете кому да му се обратам, изгледа ме имаат заборавено, за да го запише моето име и презиме во списокот на учесниците на СВП?
„На директорот или на некои од членовите на управниот одбор.“- гласеше одговорот.
Возрасниот писател повторно почна да ги брише очилата со голема диоптрија. Кога ги стави на очите рече: „Дури сега ништо не гледам“!
Ставовите на колумнистите се лични и редакцијата на Умно.мк не секогаш се согласува со нив.





