Дигиталната реставрација на филмот „Македонска крвава свадба“ на Канскиот фестивал

Дигитално реставрирана копија на култниот филм „Македонска крвава свадба“ (1967) во режија на Трајче Попов e на програмата на 78. Филмски фестивал во Кан. Македонската филмска класика е базирана на истоимената драма од Војдан Чернодрински и претставува трогателна приказна за борбата за слобода, достоинство и национален идентитет во времето на османлиската власт. Асоцијацијата на европски кинотеки (ACE) ја претстави шестата сезона на проектот „Сезона на филмски класици“, филмска програма која промовира европско филмско наследство преку бесплатни проекции во киносалите ширум Европа и онлајн.

– „Македонска крвава свадба“ е едно од најзначајните дела во македонската кинематографија, и неговата дигитална реставрација овозможува ова филмско остварување повторно да оживее пред публиката од сите генерации – во слава на македонската културна меморија. Кинотеката со своето петто учество продолжува да биде активен придонесувач во европските културни соработки, овозможувајќи пристап до ретки и значајни дела на филмската уметност и промовирајќи ја важноста на филмското архивирање пред новите генерации – велат од Кинотеката.

„Сезона на филмски класици“ акцентот го става на зачувувањето на културното наследство и вклучувањето на младата публика во таа мисија. Проектот е поддржан од програмата Креативна Европа МЕДИА на Европската унија и оваа година вклучува повеќе од 40 новореставрирани филмови од 27 европски архиви. Од неми филмови, преку женски перспективи и документарни класици, до авторски дебитантски дела, програмата го претставува богатството и разноликоста на европската филмска историја.

Во рамки на „Сезона на филмски класици“, ќе се прикажуваат филмови од јуни до декември оваа година, кои ќе бидат проследени со разговори, мастер-класи, музика во живо и едукативни активности. Избраните наслови ќе бидат и со англиски превод, а ќе бидат бесплатно достапни и онлајн.

Целата програма е достапна на следниот линк.

Сподели