Теракотна детска играчка – коњаници од 2 век, пронајдена на римската некропола на археолошкиот локалитет Исар, кај валандовското село Марвинци е еден од фасцинантните предмети застапени во каталогот „100 предмети од збирките на Археолошкиот музеј“ што денеска во 12 часот ќе биде промовиран во Музејот. Фигурината го претставува богот Телесфор, а од левата страна богот Асклепиј.
Изданието ќе го промовираат министерот за култура и туризам Зоран Љутков и археологот, проф. д-р Драги Митревски. Од музејот велат дека изданието е сведоштво за долгогодишната посветеност кон истражувањето, зачувувањето и претставувањето на нашето културно богатство. Во подготовките на каталогот учествувале 20 кустоси. Од утре каталогот ќе се продава во музејската продавница по цена од 1.000 денари.





