Денови на македонската литература за деца во КИЦ Белград

Во македонскиот Културно-информативен центар во Белград, пред бројни гости, меѓу кои и најмлади претставници на македонската заедница од Јабука, Србија, синоќа започна манифестацијата „Денови на македонската литература за деца 2025″. Книгоиздателството „Едука“ претстави шест нови книги и сликовници за деца, а беше врачена и наградата „Литературни пишувалки – прашувалки“, која годинава за сликовницата „Пчеличката Баз”, ја доби авторката Билјана Лотеска.

Деновите на македонската литература за деца во Белград, продолжуваат денес со посета на детска градинка, каде на дечињата ќе им бидат подарени сликовници на македонски јазик како и ракотворби за деца со македонски обележја.
Утре во план е да се потпише договор за соработка помеѓу српското книгоиздателство за деца „Пчелица” и нашето книгоиздателство „Едука мак”. Потпишувањето ќе се случи на Саемот на книгата, што утре започнува во Белград.
Домаќин и организатор на овој тридневен литературен настан се нашиот КИЦ во Белград и директорот Васко Шутаров, идејниот автор, носител на проектот и соорганизатор на настанот Ели Маказлиева и „Едука мак“, а главен поддржувач на книжевното гостување во Белград, е нашето Министерство за култура и туризам на Македонија.

Сподели