„Калдер: флуиден модернизам“ е насловена изложбата која утре напладне ќе биде ексклузивно отворена на матинето во Музејот на современата уметност во Скопје. Ќе биде изложено делото на Александер Калдер од колекцијата на музејот, придружено со звучна композиција на Дорит Крајслер, австриска композиторка која создаде звучна композиција во интеракција со придвижувањето на мобилното дело на Александер Калдер, во Музејот на модерна уметност – МоМА, Њујорк.
Традиционалниот МСУ водич ќе го предводи кустосот-водич Бојана Јанева. Таа на публиката ќе ѝ ги доближи трите меѓународни изложби: „Прекршено време. И светот се пресоздава од тоа што го заборава“, „Војна на сетилата/војна врз сетилата“ и „Калдер: флуиден модернизам“.
Во 13 часот почнува матине-дружење со диџеј сет на Нино Наумов. За најмладата публика ќе биде организирано детско катче, каде ќе можат да цртаат поттикнати и инспирирани од изложбите.





