Дела од 87 автори од колекцијата на МСУ пред публиката во Љубљана

Во „Ткаење светови: Две колекции во разговор“ се вклучени дела од 87 автори, од кои најмногу дела од Македонија и од речиси сите поранешни југословенски републики, дополнети со дела од уметници од Бразил, Полска, Боливија, Судан, Уругвај, Албанија, Јапонија, Јужноафриканска Република, Иран, Куба, Шпанија и од Романија

Во Модерна галерија + Музеј на современа уметност Метелкова во Љубљана утревечер во 20 часот ќе биде отвиорена големата изложба „Ткаење светови: Колекции во разговор“ на Музејот на современата уметност во Скопје. Ќе бидат изложени уметнички дела од 87 автори од колекцијата на МСУ. Изложбата ќе ја отворат директорите на двете институции, д-р Тихомир Топузовски и д-р Мартина Вовк. Куратори на изложбата се Ивана Васева, Благоја Варошанец, Ива Димовски и Владимир Јанчевски од МСУ и Бојана Пишкур од Модерна галерија.

Во „Ткаење светови: Две колекции во разговор“ се вклучени дела од 87 автори, од кои најмногу дела од Македонија и од речиси сите поранешни југословенски републики, дополнети со дела од уметници од Бразил, Полска, Боливија, Судан, Уругвај, Албанија, Јапонија, Јужноафриканска Република, Иран, Куба, Шпанија и од Романија. Изложбата е конципирана како конструктивен дијалог помеѓу специфични колекции – колекцијата на солидарноста на МСУ-Скопје и колекцијата „Артист 2000+“ како и националната колекција на Модерна галерија, Љубљана и ги истакнува делата изработени од природни материјали, како и дела кои го одразуваат ангажманот на уметниците со природата.

– Нагласен е делот на наивната уметност. Вака селектирана и поставена, изложбата отвора процеп за создавање поинаков свет помеѓу западноцентричниот светоглед и специфичниот поглед кон локалните тенденции, наспроти дела кои реферираат на поднебјето кое ги изртило и каде има континуитет на изработка. Тука се делата на наивната уметност и природните материјали кои изобилуваат, земја, сено, ливадско цвеќе, но вклучени се и фотографии од документирани акции во природа и критички настроени инсталации кон екстракцијата и уништувањето на природата – велат кураторите.

Мариа Осилијадора Силва, „Пожар во селото“, 1970, масло на платно / Фото: МСУ

„Ткаење светови: Колекции во разговор“ се фокусира на еманципацијата на уметничките медиуми, истражувајќи го односот помеѓу културата и природата, додека критички се осврнува на горливите еколошки прашања од времето на Капиталоценот. Изложбата во Љубљана зборува преку три сегменти: „Заборавен свет“, „Свет налик“ и „Свет во настанување“. Во првиот се селектирани дела изработени од користат природни материјали (земја, вода, отфрлени дрва, волна, живиот свет или пак реферираат на нив во конципирањето). Вториот го градат инсталации инспирирани од односот кон природата, тематски или визуелно, користејќи ги ресурсите на локалното поднебје, на некаква локална продукција која секогаш била во спрега со традиционалното (означено како народна традиција). Третиот дел го градат дела од наивната уметност и дела кои се стремат кон враќање на односот кон природата, со критички аспект кон индустријализацијата и искористувањето на природата.

Димче Коцо, „Борба на птици (Земјотрес)“, 1963, таписерија / Фото: МСУ

Во изложбата се вклучени дела од макеоднските уметниците Борка Аврамова, Гордана Вренцоска, Јордан Грабул, Евгенија Демниевска, Ристо Калчевски, Димитар Кондовски, Димче Коцо, Вангел Наумовски, Глигор Стефанов, Симон Узуновски, Петар Хаџи Бошков, Симон Шемов, словенечките Јернеј Вилфан, Дружината од Шемпас, Маја Смрекар, српските автори Јанко Брашиќ, Јано Вењарски, Ондреј Вењарски, Јоланта Овидска и Јузеф Сарновски од Полска, Јон Григореску од Романија, Маноло Милјарес од Шпанија и многу други.

Делата во Љубљана ќе бидат изложени десет месеци, до 8 февруари. Изложбата е дел од програмата од национален интерес на нашето Министерство за култура и туризам и конципирана е како реципроцитетна. Дела од колекцијата на словенечкиот музеј наесен ќе бидат изложени во МСУ.

Сподели