Дела на Ташковски, Чемерски, Дрнков, Шемов… на изложбата „На изворот на Климент и Наум“

„На изворот на Климент и Наум“ од колекцијата на Климе Коробар е насловот на групната изложба што ќе биде отворена на 13 декември, во продажниот ликовен салон на Културно-информативниот центар во Скопје. На изложбата ќе бидат застапени дела на: Васко Ташковски, Глигор Чемерски, Благоја Дрнков, Петар Хаџибошков, Симон Шемов, Павле Кузмановски, Петар Попчев, Владимир Георгиевски, Стефан Хаџиниколов, Доне Миљановски, Ставре Димитров – Стадим, Илија Аџиевски, Димитар Малиданов, Благој Чушков, Ангеле Нацевски, Новица Трајковски, и други

Од 910 до 2023 поминале единаесет столетија, но тоа временско растојание не ја избледило нашата меморија. И по толку столетија ние сме пак на она големо Сега, на изворот на Словото и Светлината што блика од наследството што ни го оставија Климент и неговиот собрат Наум. Тоа е духовно тело толку големо што добило димензии на безвременост и безименост, на нешто кое своето време и име ги растворило и втиснало во вечноста и просторот на колективната душа.

Свети Климент и Свети Наум Охридски се творечка инспирација на сликарите, музичарите, копаничарите и поетите. Тие се отворена тема и мотив, секогаш длабоко инспиративен и благороден за творечка креација, затоа што , преку нивната светлина уште повеќе се зацврстува нашиот идентитет и алките на нашиот духовен континуитет.

Ние треба да сме горди и благодарни на Климент и Наум, посебно денес кога нашето, како што би рекол Блаже Конески, „смачкано племе“ е од сегде притиснато, неправедно доведено дури и во апсурдна ситуација да го брани сопствениот идентитет.

Создадените дела на еминентни македонски уметници говорат за зацврстувањето на корените, почитта и пиететот кон делото на Свети Климент и Свети Наум Охридски, кои се еден од најмоќните столбови на нашето постоење и идентитет.

Изложбата ќе биде отворена до 10 јануари 2024 година.

Сподели