Дејан Донев ја доби наградата „Константин Филозоф“

Проф. д-р Дејан Донев за студијата „За нашите етички основи“ е добитник на наградата „Константин Филозоф“ за филозофска книга на 2024 година што ја доделува Филозофското друштво на Македонија. Наградата се доделува во три категории: за животно дело, за филозофска книга на годината и за млад филозофски истражувач. На Донев наградата ќе му биде врачена на 10 март на Филозофскиот факултет во Скопје.

Одлуката за наградата ја донесе комисијата во состав: проф. д-р Радомир Виденовиќ, редовен професор во пензија на Филозофскиот факултет во Ниш (претседател), проф. д-р Слободанка Марковска, редовен професор во пензија на Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и проф. д-р Анета Маркоска-Чубриновска, вонреден виш истражувач на Универзитетот Кентербери во Крајстчерч, Нов Зеланд.

„Во делото на Донев се истражуваат корените на македонската етика во формативниот период на словенската писменост и христијанскиот морал. Имајќи го предвид фактот што етичкиот аспект на влијанието на словенските просветители и раното христијанство врз формирањето на македонскиот национален идентитет е недоволно истражена филозофска тема, книгата на Донев јасно се истакнува како оригинален проект во таа насока. Ако на тоа се додаде актуелната општествено-политичка чувствителност на прашањето за потеклото и статусот на македонската национална самобитност и самосвест, оваа книга веднаш се наметнува со својата значајност и потенцијална влијателност во јавниот дискурс“, пишува комисијата во образложението за наградата.

Д-р Дејан Донев (1976) е редовен професор на Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје, каде што ги предава предметите од областа на етиката. На Институтот за филозофија го комплетира своето академско образование, односно магистерската теза (2005) и докторската дисертацијата „Етичките вредности во менаџерството“ (2008). Добитник е на наградата „8. Ноември“ за 2013 година на Советот на општина Неготино, за постигнати резултати во науката.

Донев е раководител на Центарот за интегративна биоетика при Филозофскиот факултет во Скопје, Катедра на УНЕСКО за биоетика и член во различни интернационални биоетички мрежи, меѓу кои и во Scientific Center for exellence for integrative bioethics од Загреб, Хрватска, и на International Policy Forum, UNESCO Chair in Bioethics (Haifa, Израел), под водство на Interdisciplinary Center for Bioethics at Yale University. Член и на повеќе регионални филозофски и биоетички друштва. Автор е на повеќе од 300 научни и филозофски трудови во стручната домашна и интернационална периодика, а ако визитинг професор држи предавања на универзитети во Бугарија, Германија, Грција, Полска, Романија, Србија, Чешка и во Хрватска.

Сподели