Деца од IThink академијата на СЕДЦ изработија веб-страница за здружението САНО

17 дечиња и тројца ментори од IThink академијата на СЕДЦ ја изработија новата веб-страница на здружението САНО, создадено со цел да овозможи подобро здравје, образование и социјална грижа за децата со малигни болести. Децата од групите на Advanced iThink Academy секоја година имаат задача да ги искористат вештините и знаењето со кое се стекнале за време на академијата и да креираат завршни проекти во форма на веб-страници за здруженија и организации кои се социјално одговорни или имаат таков тип на проекти под своја закрила, вели Симона Костоска, менторка во академијата.

– Ова дефинитивно покрај тоа што им помага на практично да го применат знаењето, им помага и да научат од рана возраст дека треба да се вклучуваат во општествено одговорни проекти, зошто се важни и што тие значат. Проектот беше изработка на веб страница со помош на WordPress за организацијата САНО и во суштина е проект направен од деца за деца. Изработката траеше 3 месеци. Децата се гордеат дека имаат проект кој моментално е активен и секој може да го погледне нивниот вложен труд – вели Костовска.

Долго време баравме компанија која ќе ни помогне во создавањето на нашата прва веб-страница. Иницијативата на IThink Академијата на  СЕДЦ, креацијата на страницата да биде дел од нивната образовна и едукативна програма за деца, беше полн погодок, вели Марија Тасев, претстедателка на САНО.

– Децата за хуманост и емпатија учат од мали. Убедени сме дека покрај тоа што сега тие успешно ја совладаа лекцијата за веб-дизајн, научија нешто и за САНО, организација која им помага на децата со канцер и на нивните родители. Ако овие деца се показател за нашата иднина, тогаш сме сигурни во подобро утре! – рече Тасев.

САНО е основано во 2018 година во Скопје, од родители и пријатели на деца кои биле болни од некаков вид на канцер во детството. Нивната мисија е да се создадат оптимални услови за личен развој, здравствена, образовна и социјална грижа на сите дечиња кои боледуваат од канцер.

„IThink“ е прва воведна Академија за деца од областа на технологијата чија основна цел е афирмација на информатиката меѓу младите преку логично и креативно решавање предизвици и проблеми со помош на технологија. Академијата постои од 2016 година.

Во текот на измината учебна година 77 дечиња беа дел од академиите каде изучуваат како да креираат веб-страници и видеоигри, но се стекнуваат и со знаења од областа на компјутерски мрежи, графички дизајн и роботика.

Сподели