Дариус Конџи: Останав без зборови. Наградата ù ја посветувам на сопругата за целата нејзина поддршка!

Останав без зборови. Ви благодарам бескрајно. Среќен сум што сум во Битола да ја примам оваа прекрасна награда и сакам да и’ ја посветам на мојата сопруга Мариен за целата нејзина поддршка, рече кинематограферот Дариус Конџи, на примањето на наградата „Златна камера 300“. Свеченоста се одржа во прекрасниот амбиент на Пионерски дом во Битола, а наградата му ја врачи министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.

Свеченоста се одржа во знак на француската вечер на Фестивалот, во присуство на директорот на Францускиот институт- Скопје, директорот на Агенција за филм, гостите и учесниците на фестивалот и видни личности од културниот живот, а ги поздрави директорот на Димитрија Доксевски.

И покрај мајсторството во секој кадар и бескрајниот талент и посветеност на камерата и филмот тој е секогаш скромен и вели „ние”, а не „јас”. Вели „нашата екипа”, не „мојата екипа”. Во создавањето филмски дела секогаш ја преточува визијата на режисерот беспрекорно и нему му го припишува успехот на филмот.

Мал е бројот на кинематографери во светот кои имаат оставено зад себе филмски остварувања за кои може да се каже дека се постулат на модерната филмска уметност, кои со децении ќе се изучуваат на факултетите и ќе се реферираат како поим за квалитет на модерниот филм. Уште помал е бројот на кинематографери за кои може да кажеме дека соработувале со филмски мајстори, режисерите: Жан-Пјер Жене, Дејвид Финчер, Бернардо Бертолучи, Михаел Ханеке, Роман Полански, Дени Бојл, Нил Џордан, Сидни Полак, Вуди Ален, Џејмс Греј, Бонг Џун-хо, Вонг Кар-Ваи, Алехандро Гонсалес Ињариту, Ари Астер и браќата Сафди и во плодната соработка создале неповторливи филмски остварувања.

За време на фестивалот, Конџи одржа и мастерклас.

-Сакам да работам со добри режисери. Режисери со кои можам да остварам посебна врска, но се разбира, треба да ми се допаѓа и она што го работат, но најважно е дека треба да можам да им помогнам да ја остварат својата замисла. Да го постигнете она што го сакате, да сте исполнети во процесот на работа и да се најдете себе си во процесот. И режисерите треба да се пронајдат во соработката со мене и да сакаат да работат со мене повеќе отколку јас со нив, рече Конџи.

Посочи деа во постпродукција сака целосна вклученост на режисерите.

-Тоа е повеќе важно за нив отколку за мене, затоа што добро е да бидат вклучени во секој сегмент од работата за да можеме во крајниот резултат да ја пренесеме порака.

Снимал насекаде во светот, а многу му се допаднала работата во Мексико.

-Пред неколку години работев во Мексико и потоа режисерот ми стана многу добар пријател. Навистина ја сакам земјата и народот и сметам дека таа земја е мошне моќна емотивно. Јас сум половина Персиец, половина Иранец, имам и француски дел во себе и често ми велат дека е чудна таа поврзаност со Мексико. Од она малку што имав прилика да го видам од Македонија почнувам да го имам истото чувство. Патував ноќе и денеска кога се разбудив и кога го видов градот веднаш добив едно пријатно чувство, рече Конџи и посочи дека му се допаѓа многу македонскиот јазик и жали што не го говори.

Работи со различна опрема и камера и вели дека заедно со режисерот одлучуваат со каква камера ќе работи.

-Не мислам дека сам би можел да донесам таква одлука, секогаш тоа е во координација со режисерот. Сакам кога одлучуваме заедно и тоа од повеќе причини. Последниот филм ќе биде готов кон крајот на декември и него го снимавме со дигитална камера, бидејќи имавме малку снимачки денови. Сепак ова е креативен процес и работите со она што го имате. Најважно е да ги пренесете ликовите, да ја пренесете приказната, а не е најважно со кој медиум ќе го направите тоа. Сепак, за мене филмската лента е пооргански начин, но последниот пат искусив нешто што немав искусено претходно, така што ова е едно отворено поле каде што треба да ја пренесеме нашата креативност, вели Конџи.

Повеќе за неговото исклучително творештво, прочитајте на следниот ЛИНК.

Сподели