Дарио Ивановски со време 30:22 минути е победник во машка конкуренција на седмото издание на трката ХалкЕко Скопје трча 10км што се одржа утрово во Скопје. На второто место е Тирон Мамуша од Албанија со време од 32:29 минути, додека трката трет ја заврши Иван Пешовски – за 32:53 минути.

Кај дамите целта прва ја помина Билсерин Сулејман од Бугарија за време од 36:58 минути, второто место го освои Биљана Кираџиева од Србија за време од 38:54 минути, додека пиедесталот го надополни Маринела Цекова од Бугарија која ја зврши трката како третопласирана за 40:30 минути.

Трката која се здоби со сертификат од Светска атлетика и АИМС, ХалкЕко Скопје трча 10км, утрово се одржа по седми пат. Околу 1500 натпреварувачи ја започнаа трката од фонтаната „Лотос“ и на истото место ја завршија.

ХалкЕко Скопје трча 10км е во организација на Сојузот на спортови на Скопје, ко-организатори се Триатлон федерација на Македонија и А.К. Работнички, под покровителство на Агенција за млади и спорт и Град Скопје. Насловен спонзор на трката е Халкбанк АД Скопје.





