На 27. Јуниорска балканска математичка олимпијада, Македонија е единствената земја која освои златен медал со максимален број на поени, благодарение на успехот на Дамјан Давков. Покрај златниот медал, сребрен медал освои Ивано Божиновски и бронезн медал освои Андрија Младеновиќ.
На ЈБМО 2023 државата успешно ја претставија уште Никола Стојковски, Јаков Геговски и Андреј Тасиќ.

– Уште една радосна вест е што една од задачите кои сите учесници ја решаваа беше македонски предлог (задача 1), во авторство на лидерот Никола Велов. Им се заблагодаруваме на Анастасија Трајанова, Илија Јовчески, Лука Хаџи Јорданов, проф. д-р Мирко Петрушевски, Виктор Симјаноски и претседателот на комисијата за ЈММО и меѓународни натпревари до 15,5 години проф. д-р Делчо Лешковски, кои заедно со нас учествуваа во подготовките на тимот. Им искажуваме благодарност на спонзорите Виктор Симјаноски, Бојан Јовески, Предраг Груевски, Бобо Станковиќ, Бојан Серафимов, Валентин Ѓорѓиоски, Тодор Ристов и Стојан Трајановски кои во целост го покрија финансискиот дел за подготовките – велат од Сојузот на математичарите на Македонија.
Во наредните денови на веб-страницата на СММ со сите ученици кои ја сакаат математиката ќе бидат споделени материјалите од подготвителните часови кои ги посетуваа одбрани ученици во рамките на Олимписката школа, Александар Блажевски-Цане.





