Учениците Тодор Тодоров од Гевгелија и Василиј Закоски од Тетово кои од септември ќе бидат четврто одделение, освоија сребрен медал. Василиј го освои и бронзениот куп.
Дамјан Давков од Штип кој во новата учебна година ќе биде деветтоодделенец и неодамна освои сребрен медал на Интернационалната математичка олимпијада, продолжува да реди успеси. На меѓународниот турнир „Математика без граници“ се здоби со титулата математичка ѕвезда за Македонија, го освои златниот куп на меѓународно ниво, како и златен медал во индивидуален натпревар.
Станува збор за натпревар во кој учествуваат 1234 ученици од 17 земји (Австралија, Азербејџан, Бангладеш, Бугарија, Кина, Естонија, Индонезија, Казахстан, Малта, Филипини, Македонија, Романија, Русија).

Успехот на Давков не е единствениот за Македонија. Учениците Тодор Тодоров од „Владо Кантарџиев“ од Гевгелија и Василиј Закоски од „Братство Миѓени“ од Тетово освоија сребрени медали, а Василиј го освои и бронзениот куп. Секој ученик се натпреварува во своја категорија која е определена според возраста. Учениците Вања Милосављевиќ од Богданци и Роберт Стоилов од Скопје добија сертификат за успешно учество во турнирот.
Домаќин на македонското финале годинава беше ОУ „Петар Мусев“ од Богданци.

Адријана Тодорова
– Меѓународниот турнир „Математика без граници“ се одржува по осми пат. Децата од нашата држава учествуваат на последните четири турнири и секогаш имаме наградени ученици. Учество во финале обезбедуваат преку постигнатиот успех од трите елиминациони круга – есенски, зимски и пролетен. Финалето вообичаено се одржува во Несебар, Бугарија, но годинава, заради пандемијата секоја држава од 17 учеснички го одржува дома, а резултатите се рангираат на заедничка ранг листа – вели Адријана Тодорова, наставничка по математика која учествува во подготовката на учениците за овој турнир.





