Краткиот филм „Дали си маж“ на режисерот Ѓорче Ставрески вечерва во 23 часот ќе ја има грчката премиера на престижниот Филмски фестивал во Солун. Филмот е во конкуренција за награда за најдобар краток филм. Овој краток филм на режисерот на „Исцелител“ зборува за машкоста како општествена конструкција, почнувајќи со експеримент на маж (Сашко Коцев), кој му задава предизвик на мало дете доцна во ноќта за да провери колку е маж. Момчето успева во тоа, но разочарувањето е поголемо кога ќе се врати дома.
Филмот е според сценарио на Ставрески, кинематографер е Наум Доксевски, монтажер – Мартин Иванов. Играат: Данило Ивановски, Душица Настова, Драгана Костадиновска, Сашко Коцев, Лила Милиќ, Александар Микиќ и други.
Ѓорче Ставрески е наградуван режисер, сценарист, продуцент. Дипломираше на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Тој учествуваше на Берлинале талент кампус (2007), Eave Producers Workshop (2014) и други. Продуцент е Minimal Collective.
Неговиот дебитантски игран филм „Исцелител“ имаше повеќе од 90 фестивалски селекции, беше прикажан и на HBO Europe и беше наш кандидат за „Оскар“ за 2019 година.





