Да забавиме за да живееме: Микрозадоволствата како начин на отпор

Ова не е повик да се откажеме од амбиции. Туку потсетник дека среќата не доаѓа само од постигнувањата, туку и од способноста да се забележи убавината меѓу нив. Микро-задоволствата се нашето интимно засолниште од светот што нè брза без да нè праша каде одиме

Пишува: Ива Трпески

Во свет каде што сè се мери со продуктивност, успех и брзина, малите радости стануваат тивок, но моќен чин на отпор. Да седиш со шолја топло кафе без да гледаш во телефон. Да одиш по кеј и да мирисаш липите. Да го фатиш последниот зрак сонце додека се враќаш дома. Овие мали искуства – наречени микро-задоволства – не се губење време, туку суштински дел од една нова, лична револуција против хроничната преоптовареност на модерниот живот.

Според истражување на Универзитетот Харвард (Killingsworth & Gilbert, 2010), луѓето се најсреќни не кога работат нешто големо, туку кога целосно се присутни во она што го прават, без разлика колку тоа било „безначајно“. Тоа значи дека моментот кога уживаш во допирот на сонцето врз кожата може да биде пополезен од постигнување голема цел – доколку си свесен за него.

Микро-задоволствата не се само убави гестови на самосвест. Тие се форма на отпор. Во време на прегорување (burnout), анксиозност и емоционална исцрпеност, особено меѓу младите, практикувањето на свесни мали радости станува чин на грижа за себе и опстанок. Ова го препознава и Светската здравствена организација, која во своите извештаи истакнува дека менталното здравје сè повеќе зависи од секојдневната рутина и капацитетот за микропауза и рефлексија.

Филозофите од стоицизмот до егзистенцијализмот зборуваат за важноста на сегашниот момент. Стоикот Марко Аврелиј пишува: „Секој ден може да биде цел живот, ако го живееш со внимание.“ Овој древен концепт денес добива ново значење – како свесна пауза од дигиталниот вител што нè влече да „правиме“ наместо да „бидеме“.

Во Јапонија постои збор „ichigo ichie“, што значи „еден момент, една шанса“. Тоа е идејата дека секој миг е уникатен и неповторлив. Замислете колку би се променил нашиот однос кон времето ако наместо да брзаме, го живееме секој миг како единствен.

Ова не е повик да се откажеме од амбиции. Туку потсетник дека среќата не доаѓа само од постигнувањата, туку и од способноста да се забележи убавината меѓу нив. Микрозадоволствата се нашето интимно засолниште од светот што нè брза без да нè праша каде одиме.

Тивката револуција не се случува на улиците, туку во срцето. Во тишината на утрото, во мирисот на сапунот, во погледот со пријателот. Таа нè потсетува дека животот не е трка, туку низа од мали, нежни мигови што – ако ги забележиме – значат сè.

Насловна фотографија: Тоше Огњанов

Сподели