Доста повторуваме дека светот останува на младите – да покажеме дека можеме да направиме промени

Преземање конкретни мерки за справување со корупцијата која е една од главните причини за иселување на младите, суштински промени во образованието и активна младина која директно ќе учествува во креирање политики и носење одлуки на сите нивоа – ова се дел од заклучоците на дебатата „Како до подобар младински стандард во 2023 година?“ што ја организираше Институтот за добро управување и евро атлантски перспективи (ИДУЕП) и Фондацијата „Фридрих Науман“, во соработка со Клубот за младински политики при Собранието.

Млади, претставници на младински организации и политичари отворено разговараа за дел од најважните прашања, предизвици и проблеми поврзани со младинскиот стандард како спроведувањето на законите што ги засегаат нив, за лошите услови во образованието и државната поддршка за студентите и учениците, но и за конкретни мерки за справување со партизација на општеството и корупцијата, како и потребата од дигитализација за да се намали истата.

Целта на ваквите дискусии, нагласија организаторите, е да се води отворен дијалог на различни нивоа, јавно да се зборува за проблемите кои ги мачат младите, но и заеднички да се дојде до решенија кои може да ги преземат креаторите на политики, а со кои ќе се подобри младинскиот стандард. За таа цел, од овој настан ќе биде изработен документ со политики и предолг активности со цел да стане составен дел од Акцискиот план за работа на собранискиот Клуб за младински прашања и политики.

За пратеничката Моника Зајкова, факт е дека младинскиот стандард не е на она ниво на кое што треба да биде и само преку заедничка работа и јавни дискусии може да се менуваат аномалиите на системот. Таа ги повика сите млади со свој личен придонес да се вклучат во процесите и да поттикнат промени.

– Очекувам од секоја млада личност која детектирала проблеми и има идеи за нивно надминување да ни се обрати и да креираме конкретни мерки и решенија. Да го искористиме моментот што во Собранието имаме млади пратеници кои се издигаат над партиските опции и сакаат да работат во интерес на младите. Да почнеме заеднички да ги менуваме работите – порача Зајкова.
Според неа, која е најмладиот лидер на парламентарната политичка партија ЛДП и претседателка на Клубот на млади пратеници, најголем проблем кој влијае врз стандардот на младите и иселувањето е лошиот концепт на образование како и правната несигурност.

Пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО ДПМНЕ, кој е член на собранискиот Клуб за младински политики, нагласи дека доколку сакаме значителни промени единствен начин е младите активно да се вклучат и да се обидат да ги променат нештата.

– Ако погледнеме наназад во изминативе 30 години, најкрупните мерки или промени во државава ги правеле младите. Никој нема ништо да ни даде како млади луѓе, напротив треба сами, со многу работа и труд да се избориме и добиеме шанса, а кога ќе ја добиеме да ја искористиме и да направиме разлика во општеството. Да не се повлекуваме пред предизвикот и да покажеме дека сме подеднакво квалитетни, а многу често и дека имаме и подобри квалификации“, рече Стојаноски.

Градоначалникот на Валандово и потпретседател на ЗЕЛС и на СДСМ, Перо Костадинов со став дека младите мора активно да бидат вклучени во процесите кои ги засегаат, а позитивни промени се можни само доколку сите, без разлика на партиската припадност, работат заедно и бараат решенија.

– Ниту еден млад човек не смее да се откаже, мора активно да се вклучи во институциите и општеството и да даде свој придонес. Треба да престанеме да користиме флоскули, односно зборуваме дека светот останува на младите, туку треба да го зграпчиме времето и да покажеме дека можеме да направиме промени сега – рече Костадинов.

Тој смета дека е неопходна и реформа на јавната администрација во која ќе им се дадат шанси на младите, но истите да не бидат стигматизирани поради партиската припадност.

Ние сме последната генерација која може да направи промена во општеството, рече во своето обраќање градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски, кој е и потпретседател на ВМРО ДПМНЕ говорејќи за корупцијата како проблем кој влијае врз младинскиот стандард.

– Треба да воспоставиме систем на добро управување и треба да се бориме со корупцијата. Прво, треба да прифатиме дека корупција постои. Корупција има од најниско до највисоко ниво. Потоа да почнеме со преземање чекори за промена на свесноста, односно да се промени свеста кај корисниците на услуги, но и кај администрацијата која ги пружа тие услуги. Ако сакаме да бидеме принципиелни, тогаш истите принципи треба да важат за сите нас, без исклучок – рече Муцунски.

Ивајло Цонев, проектен координатор на Фондација „Фридрих Науман“ исто така смета дека промени и развој се можни само со активно учество на младите.

– Видов мотивирани млади луѓе кои сакаат да работат активно за својата иднина. Нема посебни младински политики оти тие се дел од сите сфери на општествениот живот. Затоа сите вие, сите ние, кои се сметаме за млади мора да учествуваме активно во процесите на градење политики на сите нивоа. Чест ни е да поддржуваме вакви настани со кои се иницира дијалог меѓу младите и власта и институциите. Иднината може да се промени само единствено со активно учество на младинските организации. И ќе се
радувам доколку вие сте иницијатори и ги носите промените и развојот – порача Цонев.

Бојан Кордалов, комуниколог и координатор на Програма во ИДУЕП рече дека овој настан претставува вистински модел доколку сакаме да видиме дијалог, различни мислења, но и отворена дебата со конкретни иницијативи и предлози за излез од проблемите.

Тој најави дека од овие дебати предвидено да произлезе Документ со конкретни препораки и предлози кој ќе биде изработен од ИДУЕП со поддршка на ФНФ, а доставен до Клубот за младински прашања и политики при Собранието и очекува да биде вклучен во акцискиот план за работа на пратениците за следната година.
Модератори на настанот беа младинската НАТО амбасадорка Ирена Шуменковска и младинскиот активист Гент Салихи.
По дискусиите беше презентирано и истражувањето на тема „Младите во 2022 – факти и заклучоци“ изработено од Младинскиот сојуз Крушево.

Сподели