Во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје вечерва во 19 часот ќе се одржи мултимедијалниот интерактивен перформанс „Црвен конец, црн конец – катранка“ посветен на гатанката и афирмацијата на народното творештво. Ќе учествуваат Софија Тодороска, Пепи Стамков, Светла Јакшиќ и Емануела Ковачевска Китановска.
Авторите кои го создаваат овој перформанс тргнуваат од првобитна намена на гатанката и нејзината педагошката функција, за да стигнат до нејзиниот забавен карактер. За нив гатанката е форма која ја поттикнува и ја става на тест човечката креативност, покажувајќи ја својата улога во фолклорот. Интеракцијата се добива кога водителите поставуваат гатанка, а одговорот го дава публиката. Тоа е основата за вториот дел од настанот: одговорот на гатанката е проследен со читање поетска творба чија тема е токму решението на гатанката. Перформансот завршува со преслушување македонска чалгиска музика.





