Музичко-драмскиот перформанс „Црнила ремикс“ во режија на Јордан Симонов, а продукција на Младинскиот културен центар од Скопје синоќа имаше несекојдневна изведба пред Могилата на непобедените во Прилеп. Гостувањето беше преднајава за претстојниот 57. МТФ „Војдан Чернодрински“, каде Коле Чашуле, авторот на култната „Црнила“ ќе биде автор на фокус.

– Изведбата пред Могилата на непобедените на „Црнила ремикс” покажа дека е идеално место за изведба на претставата. Емотивна, магична, во непосредна комуникација со публиката, со достоинствена почит и кон авторот во фокус и кон самото место. Публиката уживаше во изведбата – велат од фестивалот, кој им ја подари на прилепчани претставата.

Публиката уживаше во изведбата на актерите и музичарите во „Црнила ремикс“. За музиката и препевот во претставата се погрижија Дарко Димитриески и Павле Димковски („Зад аголот“). Настапија: Стефан Вујисиќ, Александар Михајловски, Владимир Петровиќ, Горан Ников, Ненад Анѓелковиќ, Сања Арсовска, Лазар Христов. Сценограф и костимограф е Илина Ангеловска. За видеото се погрижија Милан Блажевски и Борис Таковски.

Дизајнер на тон – Симон Кипровски, дизајнер на светло – Илија Тарчуговски. Графичкиот дизајн е на Бисера Михајловска, а за фотографијата се погрижи Кире Галевски. Продуцент е Русе Арсов.









