Филмскиот проект „Човек против јато“ на режисерката Тамара Котевска ќе добие поддршка од филмскиот фонд „Еуримаж“, во износ од 265.000 евра. Ова е одлучено на 169-та сесија во јуни на паневропскиот фонд. Од 111 проекти, 33 добија финансиска поддршка од „Еуримаж“ и до толку е позначајно што меѓу нив е и еден македонски проект, вели Тања Ќурчинска Пепељугоска, македонскиот национален претставник во „Еуримаж.“
– Ова е втор македонски проект поддржан годинава од „Еуримаж“. На претходната сесија, поддрѓка доби „Ди џеј Ахмет“ на Георги Унковски. Копродукцијата на филмот на Котевска е помеѓу македонските продуценти „Аполо креатив солушнс“ и „Астерикс продукција“ и копродуцентите „Филмоскопија“ од Србија, „Зеинофилм“ од Турција и „Нуклеус филм“ од Хрватска – изјави Ќурчинска Пепељугоска.
Таа додаде и дека куриозитет е што беа пријавени 111 копродукциски проекти, бројка која не се памети во една иста сесија во историјата на „Еуримаж“.
– Во ваква конкуренција проектот „Човек против јато“ беше оценет одлично и рангиран на високо 3. место на ранг листата во својата група. Коментарите за проектот беа скоро идентични: „Преубав проект кој остава силно чувство; навидум локална тема, но со исклучителен универзална димензија; режисерката точно дефинира што сака да постигне; јасно сценарио од почеток до крај…“ – рече Ќурчинска Пепељугоска.
Македонија е членка на „Еуримаж“ од 2003 година. Европскиот фонд за копродукција и дистрибуција на креативни кинематографски и аудиовизуелни дела „Еуримаж“ од своето основање во 1989 година до денес поддржал 2.409 копродукциски проекти со вкупен буџет од околу 700 милиони евра.





