„Читањето е супермоќ“ е насловот на литературно-музичкиот хепенинг што денеска во 11 часот ќе се одржи трговскиот центар „Ист гејт“ во Скопје. Организатор е издавачката куќа „Арс ламина“. На настанот ќе бидат наградени победниците на литературниот и ликовен конкурс „Читањето е супермоќ“, што беше спроведен во основните училишта во целата држава. На адресата на „Арс ламина“ пристигнале 150 литературни и 330 ликовни творби од ученици од прво до деветто одделение. За најдобрите одлучувало стручно жири.
На програмата се настапи на талентирани групи и ученици од неколку скопски основни училишта. Планирани се музички изведби со инструменти, танцови точки и настапи на литературните и драмските секции на училиштата. Музичкиот дел од хепенингот ќе биде збогатен со ексклузивен настап на детскиот фестивал „Поточиња“. Ќе се одржи ликовна работилница за деца од отворен тип, а илустраторка на книги за деца, Калиопи Трпчева, во просторот пред Школка ќе нацрта дело инспирирано од кампањата „Читањето е супермоќ“, поттикнувајќи ги учениците да ги раскажуваат приказните и преку цртеж.
– Целите на кампањата „Читањето е супермоќ“ се поттикнување на читањето и унапредување на читачките вештини, подигнување на јавната свест за значењето на читањето од најмала возраст, негување на мајчиниот јазик, поддршка на децата со тешкотии во читањето и друго – велат од издаваштвото.
Годинава во соработка со скопските општини, „Арс ламина“ организира серија едукативни презентации за претставниците на основните училишта како поддршка на наставната програма со понуда на конкретни методи, алатки и стратегии за поттикнување на читањето. Во рамките на оваа соработка со општините, „Арс ламина“ донира вкупно 5.800 книги, односно по сто книги (лектири, лектирни читанки, збирки, вежбанки и нагледни средства) во библиотеките на 58 скопски училишта, кои се вклучија во кампањата.





