Театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп вечерва во 20 часот во Домот на културата во Вевчани ќе ја изведе претставата „Чиста куќа“ од Сара Рул, во режија на Тамара Стојаноска. Настапот е во рамките на „Вевчанско лето 2025“.„Чиста куќа“ е последна премиера на театарот и е претстава што раскажува длабока човечка приказна за животот и смртта, преку пет различни, но меѓусебно испреплетени ликови.

Играат актерите: Даниела Иваноска, Наташа Ачански, Катерина Чакмакоска-Клинческа, Јасмина Мицовска Станкоска и Димитар Ѓорѓиевски. Претставата го пренесува ширењето на емпатијата и начинот на кој се справуваме
со траумите од детството — во нашиот случај, преку вицови, како средство за преживување, бегство и поврзување.
„Чиста куќа“ не е само приказна за чистење простор, туку за чистење на внатрешниот емотивен хаос. Авторката потсетува дека не сме совршени, но и дека токму во таа несовршеност се крие нашата човечност.
Драматург е Лидија Митоска-Ѓорѓиевска, сценографијата, дизајнот на плакат и рекламниот материјал се на Филип Коруновски. Музички соработник е Ана Митоска, а изборот на костимите се на режисерката Стојаноска, заедно со актерската екипа.





