Четворица средношколци од Македонија ќе учеставуваат на 53. Меѓународна олимпијада по хемија IchO 2021 што ќе се одржи онлајн, а чиј домаќин годинава е Јапонија. Под раководство на менторите од Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, нашата земја ја претставуваат: Дарко Стојчев од Кавадарци, ученик во скопската гимназија „Јосип Броз-Тито“, Михаил Трајков и Јан Стојановски од приватното училиште „Јахја Кемал“ и Ања Спасовска, ученичка во средното училиште „Гоце Делчев“ во Куманово.
Сите подготовки за натпреварот во изминатите месеци се одвиваа на Институтот за хемија. Во истите простории учениците ќе се натпреваруваат на престижниот натпревар. IchO 2021 почнува денеска и ќе трае до 2 август. На главната страница на олимпијадата петмина насликани ученици држат лист, на секој напишан по еден елемент од Периодниот систем. Симболите на петте елементи го формираат зборот омотенаси, кој на јапонски значи гостопримство.





