Четири музеи од Балканот тргнаа во мисија да ја зголемат пристапноста за лицата со попреченост. Националниот музеј во Кикинда и Роднокрајниот музеј „Књажевац“ од Србија, Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија и Роднокрајниот музеј „Високо“ во Босна и Херцеговина ќе бидат вклучени во регионален проект за да се подобри пристапноста до музејските програми и активности за лицата со попреченост.
Иницијативата ја почна Милена Милошевиќ-Мициќ, музејски советничка и историчарка на уметност од Роднокрајниот музеј „Књажевац“, во соработка со колеги од Битола и Сараево.
Проектот ќе биде реализиран преку низа активности, а првиот чекор е идентификација на постоечките бариери на патот за вклучување на лицата со попреченост во музејските програми и активности. Покрај подготовката на студија за пристапност за секој од четирите музеи, проектот вклучува и обука и размена на искуства, изработка на дигитални елементи, како што се QR кодови, изработка на аудио-видео материјали со толкување на мајчин јазик, англиски и знаковен јазик, изработка на тактилни елементи за лица со оштетен вид и слепи лица, на материјали на Брајово писмо за толкување на музејски збирки, набавка на дидактички помагала и играчки и многу други.
Сите проектни активности ќе се реализираат во соработка со експерти од четири партнерски музеи и претставници на здруженија на лица со попреченост. Тимот е составен од кустоси од четирите музеи: Аида Вежиќ, Аида Миа-Брулисауер, Ирена Ружин и Милена Милошевиќ-Мициќ.
– Многу сум среќна што преку овој проект ќе имам можност да го споделам моето искуство и знаење што ги стекнав како член на Балканската група за пристапност на музеите. Веќе пет години правам студии за пристапност на музеите низ целиот регион, а ја имав привилегијата да учам од најдобрите во оваа област – вели Ирена Ружин од Битола.
Проектот „Подобрување на пристапноста на музеите на Балканот за лицата со попреченост“ е финансиран од Амбасадата на САД во Белград, преку Програмата за мали грантови за алумни. Проектот се спроведува во партнерство со Балканската музејска мрежа.
Насловна фотографија: Меморијален центар на холокаустот на Евреите од Македонија





