Четворица основци создадоа химна за Европската јуниорска олимпијада по информатика со помош на ВИ

Четворицата ученици од осмо и девето одделение што ќе ја претставуваат Македонија на Eвропската и Балканската јуниорска олимпијада создадоа химна за Европската олимпијада со помош на вештачката интелигенција. На подготвителниот камп што се одржа на Пониква, а го организираше здружението за поддршка на талентирани ученици и млади „Бистри умови“, учествуваа: Владимир Грчев од Кочани, Никола Стојковски од Скопје, Марко Кренков од Струмица и Бисера Илиева од Скопје.

Идејата за химната ја добија по писменото обраќање на претседателката на Македонија, Гордана Силјановска Давкова.

-По обраќањето на претстедателката на Македонија, Гордана Силјановска Давкова, децата се почуствуваа горди и среќни дека некој од државата мисли и со гордее со нив. Тоа многу им значеше, па мислам дека и тоа им ја даде идејата да ја создадат химната за Олимпијада – објаснува Анита Атанасова-Грчев, претседател на здружението „Бистри умови“.

– Би сакала преку ова писмо да ви ја упатам мојата безрезервна поддршка на вашите активности и секако да ви посакам постигнување на врвни резултати на претстојните информатички олимпијади. Не се сомневам дека успехот нема да изостане и заедно, уште во текот на летото, ќе се радуваме на освојувањето на нови медали. Искористете го максимално времето поминато во кампот за учење, стекнување со ново знаење, добивање информации. Задоволувајте го вашето љубопитство и постојано надградувајте се како информатичари и созрејте како личности – стоеше во пораката на Силјановска-Давкова.

Благодарение на ова здружение информатичките олимпијци втора година добиваат бесплатен летен камп. Кампот траеше една недела и се реализира во хотелот „Магнолија“ на Пониква. Учествуваа вкупно 12 најдобри ученици/ натпреварувач, нивните ментори и професори од Факултетот за информатички науки и инженерство (ФИНКИ) предвoдени од претседателот на Здружението на информатичарите на Македонија, проф. д-р Миле Јованов.

– Потикнати од искуството со нашиот син, кој веќе 3 година е во тимот кој ја претставува државата на меѓународните олимпијади по информатика, минатата година се одлучивме да го основаме „Бистри умови“ за да им помагаме на талентираните ученици и млади од цела Македонија. Во исто време да им помагаме и на други здруженија и сојузи – вели Анита Атанасова-Грчев, претседателка на Здружението.

Пред точно една година првата активност на „Бистри умови“ беше исто таков подготвителен камп за македонските тимови по информатика, кој беше реализиран во Кочани, во соработка со Здружението на информатичарите на Македонија.

Сподели