Со 4 бронзени медали од 22. Меѓународна јуниорска олимпијада по природни науки ќе се врати од Сочи, Русија, тимот од Македонија. Медалите ги освоија: Валентино Атанасоски, ученик во прва година ПСУ „Јахја Кемал“, Скопје, Дора Милева, ученичка во прва година во СОУ „Јане Сандански“ Штип, Јордан Соколовски, ученик во прва година во ПСУ „Јахја Кемал“, Скопје, Дамјан Чамушев, ученик во деветто одделение ООУ „Ванчо Прке“ Штип.

На олимпијадата успешно се претставија и: Глигор Иваноски, ученик во прва година во гимназијата „Мирче Ацев“ Прилеп и Никола Зорески, ученик во прва година во ПСУ „Алгоритам“, Скопје.
Водачи на тимот на оваа олимпијада беа: д-р Боце Митрески, редовен професор на ПМФ во Скопје и член на ДФРМ, д-р Методија Најдоски, редовен професор на ПМФ во Скопје и член на СХТМ и дипл. мол. био. Филип Петровски, демонстратор на ПМФ во Скопје и член на МБД.

Голема благодарност до Природно–математичкиот факултет и сите негови вработени кои во последниве три месеци активно се вклучија во подготовките на тимот, велат од тимот на олимпијадата.
Голема благодарност упатуваме и до Министерството за образование и наука за обезбедените средства за учество на оваа олимпијада, како и до општествено-одговорните компании: Eam T-Shirts, Albatros – Модна конфекција, Ангротекс – Штип, и Ekohem Klin – Прилеп.





