„Блаже Конески е големина за којашто ќе бидат потребни уште долги години целосно да се истражи и осознае“, рече професорката Вера Стојчевска-Антиќ. Таа зборуваше на книжевната вечер што во петокот се одржа во Струмица по повод 100 години од раѓањето на Конески. Стојчевска-Антиќ е автор на три книги за Блаже Конески, а заедно со новинарот и публицист Свето Стаменов и приредувач на зборникот со трудови „Навраќања кон Конески“.

Како долгогодишна блиска соработничка и пријателка на Блаже Конески, професорката низ годините собрала голем број материјали, што претставуваат белешки на нивните заеднички разговори, средби, патувања. Немала намера да ги објавува бидејќи ги сметала за лични и свети. Сепак, откако сведочела на повеќе јавни омаловажувања на ликот и делото на Конески, решила да ги публикува во книга и да докаже дека Конески е ретка и значајна фигура во македонската историја. Така настанала книгата „Мојот професор пророк“, за која вели дека достигнала таков публицитет и интерес како ниту една од нејзините 80 претходно објавени книги.

На книжевната вечер се обрати и една од основачите на здружението „Иван Василевски“ , д-р Ана Витанова-Рингачева, која рече дека „Конески е синоним за родољубие во најчиста и најискрена смисла на неговото значење“ и дека сите спомнувања и продолжувања на неговото дело се чин на љубов кон своите: сограѓаните, градот, татковината.
Поезијата на Конески синоќа ја кажува поетесите Сузана Мицева, Мариета Дукиќ и Катерина Панов-Кожаров, а се прикажа и 25-минутно видео со поезија и мисли од и за Конески кое се снимаше во амбиентот на Колешинските водопади.





