Чествување на Славко Јаневски во Брисел

Во Брисел завчера се отвори изложба на ликовни дела на Славко Јаневски, во чест на 80 години македонска азбука и Ден на македонскиот јазик. Станува збор за двесетина слики, масло на платно, во мал формат кои беа изложени пред очите на стотината посетители на овој настан. Изложбата ја отвори архитектката Јана Јаневска Терзиоска, ќерка на Славко Јаневски, која при тоа го прочита кусото излагање на Ѕвездан Георгиевски, извршен директор на Фондацијата „Славко Јаневски“. На свеченоста присуствуваа и заменичката генерална секретарка на НАТО, Радмила Шеќеринска, шефот на Мисијата при ЕУ Зулфи Исмаили, в.д. амбасадорката Сузана Мехмеди, како и претставници на дипломатскиот кор и многу други заинтересирани посетители. Музичкиот дел
го осмисли „Љубојна“, а стихови од Славко Јаневски и Блаже Конески читаа Лабина Митевска и Маја Дамјановска Момироска.

Лабина Митевска

Георгиевски во своето обраќање, меѓу другото, вели: „Постојат луѓе без јазик, но не постои јазик без луѓе. Постојат мислења без јазик, но не постои јазик без мислење. Новороденчињата, малите бебиња, не го знаат јазикот, а сепак мислат. Јазикот не е органска материја, тој се учи. Јазикот е конструкт, човечка измислица за полесно разбирање меѓу луѓето. Творецот на модерната лингвистика Фердинанд де Сосир рекол дека сѐ додека се разбираме, зборуваме правилно. Кога нема да се разбереме, зборуваме погрешно“.

Осврнувајќи се на заштитата на јазикот, тој вели: „Како тогаш да го чуваме јазикот? Така што ќе го зборуваме, ќе го збогатуваме, ќе го оплеменуваме. Да,  но на јдобро ќе го сочуваме така што ќе ги чуваме луѓето, неговите говорители“.

Се разбира, се осврнува и на делото на Јаневски: „Славко Јаневски, преку  јазикот што континурано го облагодоруваше, не се градеше само себеси и  својата смисла, туку нѐ градеше сите нас и нашите мисли. Но, Јаневски знаеше и една друга многу важна работа. Знаеше дека не сѐ може да се изрази со  зборови. Тој, ако можам така да кажам, беше своевиден уметнички и  интелектуален полиглот. Она што не можеше да го изрече, го кажуваше преку  филмот и сликарството“.

 

Сподели