„Браќа Манаки“ ќе се отвори и затвори со македонски филмови, Семих Капланоглу лауреат на „Специјална камера 300“

Кирил Џајковски е добитник на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“, за неговиот исклучителен придонес кон македонската филмска музика и култура

Турскиот филмски режисер Семих Капланоглу ја доби „Специјална камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност на 46. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. Фестивалот ќе биде отворен и затворен со два македонски филма. Отворањето ќе биде со проекција на „Мајка“ во режија на Теона Стругар Митевска, а ќе биде затворен со „Диџеј Ахмет“ на Георги М. Унковски. Кирил Џајковски е добитник на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“, за неговиот исклучителен придонес кон македонската филмска музика и култура.

Семих Капланоглу

Капланоглу е еден од најуспешните и највлијателни режисери во турската кинематографија. Има добиено 28 меѓународни награди и 10 номинации низ целиот свет. Дебитираше во 2001 година со „Далеку од дома“, за кој ја добива наградата за најдобар режисер на Сингапурскиот филмски фестивал. Во 2005 година, неговиот втор игран филм „Падот на ангелот“ имаше светска премиера на Берлинале Форум, а доби награда за најдобар филм во Нант. Неговиот трет игран филм „Јајце“, кој премиерно беше прикажан во 2007 година на Канскиот филмски фестивал доби 30 награди. Овој филм беше првиот дел од „Трилогијата Јусуф“ што го направи Капланоглу светски познат како режисер. Во 2008 година, филмот „Млеко“ премиерно беше прикажан во официјалната конкуренција на Венецискиот филмски фестивал, а потоа и на низа други фестивали ширум светот и му донесе повеќе меѓународни награди, вклучувајќи ја и наградата на Фипресци на фестивалот во Истанбул. За „Мед“, третиот дел од „Трилогијата Јусуф“, добива „Златна мечка“ на 60, издание на фестивалот во Берлин.

Слаѓан Пенев, Димитрија Доксевски и Игор Иванов-Изи (од лево кон десно)

Директорот на „Браќа Манаки“, Димитрија Доксевски денеска на прес-конференција потенцираше дека ни претстои возбудливо, квалитетно и богато фестивалско издание.

– Фестивалот ќе биде отворен на 20 септември во Битола. Покрај официјалната програма ќе има и кратка, документарна, студентска програма, а годинава се враќа и макпоинт програмата во која ќе бидат прикажани филмови од македонската продукција. Досега се најавени голем број гости од земјава и странство, врвни уметници, филмски автори кои ќе ја збогатат програмата и ќе учествуваат директно во филмските работилници, мастер-класовите и пропратната програма на фестивалот – рече Доксевски.

Селекторот на главната селекција, Слаѓан Пенев информираше дека фестивалот ќе биде отворен и затворен со македонски филмови.

Сцена од филмот „Мајка“

– Во главната програма ќе прикажеме филмови од фестивалите во Кан, Берлин, Венеција, Торонто, Локарно итн. Во главната програма „Камера 300“ ќе биде прикажан „Мајка“ на Теона Стругар Митевска кој ќе го отвори фестивалот. Директорка на фотографија е долгогодишната соработничка на Теона, Виржини Сен-Мартен од Белгија. Сент-Мартан досега со свои филмови учествувала на неколку изданија во главната програма на „Браќа Манаки“ има два пати освоено „Сребрена камера 300“. Фестивалот ќе биде затворен со „Диџеј Ахмет“ на Георги М. Унковски. Филмот веќе постигна голем успех на светските фестивали, и доби две награди на „Санденс“ – информираше Пенев.

Претседателот на Друштвото на филмските работници, Игор Иванов-Изи, рече дека не е лесно да се најде лауреат за оваа награда, а да не се направи пропуст, бидејќи критериумот е многу висок и таков треба да остане.

– Џајковски е филмски композитор, но пред сè познат скопјанец, творец на културната сцена и културниот профил на нашиот град и на нашата држава. Го знаеме од неговиот бенд „Бастион“, потоа се појави во „Леб и сол“ во албумот „Како какао“ и направи еден извонреден исчекор за овој скопски бенд. Потоа почна да работи на театарски претстави и на филмското платно, а за неговите диџејски и соло проекти воопшто да не зборуваме. Синоним за современиот македонски звук, Џајковски е еден од најзначајните композитори и продуценти, познат по спојот на традиционални балкански мотиви со современи електронски ритми. Неговата музика е составен дел од најгледаните македонски филмови, меѓу кои „Бал-кан-кан“ и „Трето полувреме“ на Дарко Митревски, „Прашина“, „Врба“ и „Сенки“ на Милчо Манчевски, „Големата вода“ и „Пиарги“ на Иво Трајков (за „Големата вода“ ја доби наградата за најдобра музика на Фестивалот во Валенсија), како и „Балканот не е мртов“ на Александар Поповски – рече Иванов.

Кирил Џајковски

Досегашни добитници на наградата се: Кирил Ценевски, филмски режисер и сценарист (2013); Милчо Манчевски, филмски режисер и сценарист (2014); Дарко Марковиќ, карикатурист, сатиричар, филмски режисер (2015); Сајмон Пери, филмски продуцент (2016); „Вардар Филм“, продуцентска компанија (2017); Милица Стојанова, актерка (2018); Љупчо Константинов, композитор (2019); Столе Попов, филмски режисер и сценарист (2020); Северџан Бајрам, актер (2021); Горјан Тозија, филмски продуцент (2022); Лабина Митевска, актерка и продуцент (2023) и Димитар Грбевски, филмски и телевизиски монтажер (2024).

Наградата на Џајковски свечено ќе му биде врачена на затворањето на „Браќа Манаки“. Статуетката „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ традиционално ја изработува компанијата „Божиновски“.

Сподели