Со долготраен аплауз шведската публика во Трелеборг ги поздрави екипите на Битолскиот театар и на Бабец театарот кои гостуваа по покана од македонско-шведското друштво „Пелистер“. Битолски театар се претстави со „Ако останеш дома“ по мотиви на Карој Сакони, а Бабец театарот со „На гости кај Кате и Фреда“, по делото на Ингеборг Фон Задов, двете претстави во режија на Јован Ристовски
– Ви благодариме за прекрасната глума и емоциите што ги оставивте на сцената. Ви благодариме и Вам, наши гости и љубители на театарот, што уште еднаш докажавте дека сè додека има макар и еден посетител вреди да се изигра претставата. Со купените билети публиката го помага работењето на „Македонската библиотека Трелеборг“ и придонесува во развојот на македонската заедница во Шведска – истакнаа организаторите.

„Ако останеш дома“ е драма во еден чин. Главните улоги ги играат Јулијана Мирчевска и Васко Мавровски. Секојдневна приказна во која се препознаваат млади брачни парови. Инспирацијата за претставата на режисерот му била секојдневието на обичните луѓе. Сценографијата на претставата е на Валентин Светозарев, костимографијата на Благој Мицевски, а продукцијата е од сопствени средства на Народниот театар од Битола.
Драмскиот текст „На гости кај Кате и Фреда“ важи за еден од најдобрите германски современи драмски дела наменети за детската популација, односно за деца поголеми од 5 години. Оваа исклучителна драма е важна бидејќи ја разработува темата за промени, инклузија, прифаќање и неприфаќањето на различностите и една од најважните теми – емпатијата.

– Глумците – фантастични, публиката уште пофантастична. Многу смеа и радост кај најмалите. Да ни се множат ваквите настани и насмевките кај децата – додаваат организаторите.
Во претставата играат: Јулијана Мирчевска, Катарина Аневска-Дранговска и Марија Стефановска. За сцената и костимите се погрижи Јован Ристовски, дизајн на светло Игор Мицевски.





