Бесплатен превоз за големиот аеромитинг по повод 100 години македонска авијација што ќе се одржи утре на скопскиот спортски аеродром „Стенковец“ организира „Аероклуб“ од Скопје. Посетителите ќе уживаат во акробатско летање со авиони, прелети во група и низок прелет на патнички авион. Падобранците ќе го развеат најголемото државно знаме од воздух, а едриличарите ќе презентираат неверојатни акробации. Специјални гости ќе бидат авиони од воздушните сили на Србија, Италија и Грција, најавуваат од клубот.
– На аеромитингот ќе биде изложен и единствениот македонски воздухоплов дизајниран и произведен од членови на Аероклубот – „Илинденка“, кој претставува „светиот грал“ на македонското воздухопловство – велат од „Аероклуб“.
Бесплатните автобуси тргнуваат утре во 8.30 часот од пет локации: Автокоманда (кај ЈСП), Транспортен центар, Ѓорче Петров (кај пазарот на вториот кружен тек), Бутел (кај „Еделпром“) и од спортската сала Борис Трајковски. Автобусите ќе возат во двата правца – од 08.30 до 14 часот кон аеродромот „Стенковец“, а од 14.30 до 19 часот кон петте локации во Скопје.
И влезот на аеромитингот е бесплатен. Аеродромските врати за посетители ќе бидат отворени во 9 часот наутро, а официјалната програма почнува во 11 часот.
– На посетителите од Скопје им се препорачува, наместо со автомобил, на „Стенковец“ да дојдат со бесплатните автобуси бидејќи паркинг местата се со ограничен капацитет – апелираат од клубот.
Насловна фотографија: MIG-29 на Српското воено воздухопловство кои ќе бидат дел од аеромитингот / Фото: „Аероклуб“ Скопје





