На скопскиот археолошки локалитет Тумба Маџари утре со 11 до 15 часот ќе се одржи едукативен и интерактивен настан по повод 18 Април, Меѓународниот ден на спомениците и локалитетите. Влезот е слободен. Сите заинтересирани ќе учествуваат во интерактивни тури со археолози, ќе дознаат повеќе за проектот за деца „Јас археолог“, симулација на археолошки ископувања, информации од терен, директно од експертите. Координатор на настанот – м-р Елена Стојанова-Канзурова, кустос-советник, а раководителка на проектот „Јас археолог“ е м-р Марија Рабаџиска, музејски водич.
– Придружете ни се и откријте зошто културното наследство е вредност што мораме да ја заштитиме – дури и кога светот се менува – повикуваат археолозите.
Годинешната глобална тема при одбележувањето на Меѓународниот ден на спомениците и локалитетите е „Културното наследство отпорно на катастрофи и конфликти“.





