Во Централниот парк во Ѓорче вечерва во 20 часот ќе гостува групата „Адонаи и пријателите“, чии членови изведувааат поп, рок и госпел музика. Настапот е во рамките на „Културно лето 2025“ што го организира општината Ѓорче Петров. Утревечер следува уште една музичка вечер, каде граѓаните ќе можат повторно да дојдат „На свирка во Ѓорче“. Од 20 часот атмосферата ќе ја загрее диџеј, Вера „Генерал“ Јанковиќ која со своите диџеј-сетови ќе не’ потсети на најголемите светски хитови од 70-тите, 80-тите и 90-тите години.
По неа, од 21.30 часот еден од најдобрите македонски клупски бендови „Деј Оф“ (Day Off) по одличниот настап на отворањето на културното лето, ќе го „репризира“ својот рок ен рол перформанс со изведба на избор од најпознатите светски, но и македонски рок ен рол класици и евергрин балади.
Претстојниот викенд од Културното лето во Ѓорче Петров, (30 август), е посветен на најмалите. Замислен како детски викенд, тој ден од 19.00 часот најмалите ќе ги забавувуваат со своите бравури и баскер магија уличните артисти. По нивниот перформанс, од 19.30 часот во реонскиот парк за децата следува филмската проекција во два дела на долгометражниот анимиран филм насловен „Авантурите на Биби и Боби – Волшебната шума“.





