„Бели ноќи“ на МНТ во чест на 80 години Народен театар Битола

Со претставата „Бели ноќи“, Македонскиот народен театар од Скопје, вечерва во 20 часот, ќе гостува на сцената на Народниот театар од Битола што годинава одбележува 80-годишнината од неговото формирање. Претставата е според делото на Ф. М. Достоевски, а во адаптација и режија на Звездана Ангеловска. Во овој копродукциски проект играат Ана Јовановска и Дамјан Цветановски. Како сценограф се потпишува Мартин Манев, костимограф е Роза Трајческа-Ристовска, а музиката е на Марјан Неќак.

Претставата „Бели ноќи“ својата премиера ја имаше на 17 октомври на малата сцена во МНТ и наиде на многу позитивни коментари од страна на публиката. Следните изведби во МНТ, на оваа љубовна драма, се закажани на 15 и 28 ноември со почеток во 20 часот, а билетите се веќе пуштени во продажба.

Сподели