Белградската „Самрак на боговите“ вечерва во Драмски театар

Мораме да посведочиме, мораме едни на други да си кажеме – за да не помислиме дека сѐ е во ред, за да не отрпнеме, да не заборавиме. Е токму затоа „Самрак на боговите“, ова се зборови на режисерот Јагош Марковиќ, кој почина неодамна. Претставата на Београдско драмско позориште вечерва во 20 часот ќе биде изведена на сцената на Драмски театар, во рамките на фестивалот РУТА.

Улогите ги толкуваат: Александар Алаќ, Бранка Катиќ, Исидора Симијоновиќ, Владан Милиќ, Павле Пекиќ, Јово Максиќ, Милан Ќуќиловиќ, Милица Зариќ, Вања Ненадиќ и Мина Ненадовиќ.

Ивор Мартиниќ, низ специфичната драматуршка стилизација на познатиот филм на Лукино Висконти (1969), го почитува временскиот редослед на моралното пропаѓање и политичкиот раст и богатење на семејството Фон Ашенбек (алузија на познатото семејство Круп), кое започнува со палењето на Рајхстагот во 1933 година, а завршува во Ноќта на долгите ножеви во 1934 година. Сѐ е споено, подобро кажано сведено на една призрачна ноќна прослава на падот на старата Германија и раѓањето на нацизмот. Софистицираната роденденска прослава прераснува во брутална, крвава „игра на столовите“ во која во секој круг некој е исфрлен, поточно го губи животот, а маските на цивилизациската надградба (скрупили, емпатија, самоконтрола) забрзано паѓаат, откривајќи ја вистинската смисла, во последната слика, на оваа бестијална игра на моќ.

Сподели