„Бекет е со нас“ е насловот на изложбата отворена во Музејот на современата уметност во Скопје. Со свои дела се претставуваат уметниците: Вана Урошевиќ – Зоран Тодовиќ, Марија Ќалиќ и Никола Шуица. Изложбата нуди дела што провоцираат и вознемируваат. Уметниците ги преобликуваат предметите и амбиентите во сложени визуелни структури, создавајќи текстури што ги одразуваат внатрешните тензии на денешното време. Овие визуелни наративи не само што ја продолжуваат Бекетовата мисла, туку ја претвораат во телесно и сензорно искуство за гледачот.
– Оставината на Семјуел Бекет (1906 – 1989) претставува длабоко нурнување во суштината на човековото постоење. Неговите зборови и описи го издигнуваат секојдневието од баналноста, откривајќи му ги длабочините на времето и просторот. Неговите записи, романи и драми одекнуваат низ искуствата што ги формираа современата визуелна уметност. Во тие слоевити дела се испреплетуваат алузии и митови, пренесувајќи ја згуснатата атмосфера на немир, восхит, осаменост и моќта на сеќавањето – велат од МСУ.
Бекетовото присуство на културната мапа на Балканот започнува рано — со илегалната белградска изведба на драмата „Чекајќи го Годо“ во 1955 година, како одговор на геополитичките промени. Преку неговите зборови го согледуваме светот и неговите граници на издржливост:
„Да се даде израз на тоа дека нема ништо за изразување, како и дека нема ништо со што тоа би се изразило, дури и ништо од што би се тргнало кон изразувањето, при што не постои ни моќ ни желба за изразување, а сепак останува обврската – да биде изразено.“
Марија Ќалиќ завршила Правен факултет на Универзитетот во Белград, како и фотографија на St. Martin’s School of Art во Лондон. Објавувала авторски фотографии во дневен и неделен печат, како и во месечни магазини во Белград и Србија. Работела фотографски прилози за книги, изложбени каталози, за филмска продукција и за други медиуми.
Вана Урошевиќ е родена е во Скопје. Завршила Факултет за ликовни уметности во Белград во 1984 година во класата на професор Младен Србиновиќ, а во 1987 на истиот факултет постдипломски студии во класата на професор Радомир Рељиќ. Во текот на 1987 има студиски престој во Париз. Во периодот 1988/1989 е на специјалистички студии на Академијата за убави уметности во Венеција во класата на професорот Борела. Изложувала самостојно и групно во Скопје, Белград, Цетиње, Подгорица, Њујорк, Љубљана, Венеција и други.
Зоран Тодовиќ (1958, Горњи Милановац) завршил Факултет за применети уметности во Белград во класата на професорот Божидар Џмерковиќ во 1983 година. Постдипломски студии завршил во 1985 на Факултетот за ликовни уметности во Белград, во класата на професорот Миодраг Рогиќ. Има студиски престој во Париз во 1991 година. Добитник е на повеќе меѓународни и домашни награди и признанија (Политикина награда, Гран при Варна, Големиот печат на Графички колектив, Награда на Октомврискиот салон во Белград, Pollock-Krasner Foundation Grant). Изложувал самостојно и групно во Белград, Нови Сад, Загреб, Риека, Љубљана, Подгорица, Бар, Стокхолм, Ронеби, Ескилстуна, Краков, Катовице, Вроцлав и други.
Никола Шуица (Белград), дипломирал и магистрирал историја на уметност на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Белград; докторирал на Универзитетот за уметности во Белград.
Професор е на Факултетот за ликовни уметности и на постдипломските и докторски студии на Универзитетот за уметности во Белград.





