„Баскерфест“ по 15. пат со артисти од целиот свет

Во 9 градови, на 13 локации во Македонија од 25 август до 6 септември ќе се одржи 15. издание на уличниот фестивал „Баскерфест“. По неколкугодишна пауза, фестивалот повторно се враќа меѓу луѓето, во срцето на градовите, на плоштадите и булеварите што на неколку дена ќе станат сцена на радост и смеа, на изненадувања и аплаузи. Под слоганот „Побарај ја забавата“, инспириран од шпанскиот збор buscar (барај), „Баскерфест“ и годинава ќе го претвори секојдневието во нешто волшебно и неочекувано, секојдневие на мигови што се паметат, што се случуваат на улица, без најави, без сцена, без билет.

– Улиците ќе станат сцени за акробати, жонглери, кловнови, музичари, танчари, илузионисти и улични артисти од целиот свет, кои го задржуваат вниманието, предизвикуваат смеа, шират позитивна енергија и умеат само за миг да го украдат аплаузот на публиката – најавуваат организаторите.

Годинава „Баскерфест“ ќе обедини повеќе од 20 артисти од целиот свет, таленти од Полска, Србија, Албанија, но и од далечните Чиле, Бразил и Канада, чие присуство ќе му даде на фестивалот посебна димензија. Тие доаѓаат од континенти со различни култури, јазици и традиции, но со иста мисија, да споделат радост, креативност и енергија што го буди секое место низ кое минуваат, секој од нив ќе понуди по нешто непредвидливо, нешто што се доживува со сите сетила. Дополнително, секоја вечер на фестивалот ќе биде збогатена со музичка програма, што ќе го надополни визуелното доживување со звук, ритам и уште поголема блискост меѓу артистите и публиката.

Сподели