„Отворен Балкан“ не одзема ништо од никого, напротив, создава додадена вредност на културните и на уметничките богатства, споделување искуства на полето на културата во сите сегменти за да се надминат разликите, рече вчера министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на пленарната сесија „Отворен Балкан отвора култура“, во рамките на самитот што се одржа во Охрид.
– Тука сме да ги помогнеме културата и уметноста во нивната мобилност, во отворањето заеднички фондови, размена на информации и искуства, заеднички настапи, да внесеме иновативност и да ги обединиме нашите потенцијали – рече Костадиновска-Стојчевска.
На пленарната седница, пред присутните директори на институции, културни оператори, културни работници и младински претставници од земјите потписнички на иницијативата, се обратија и министерките за култура на Албанија и на Србија, Елва Маргарити и Маја Гојковиќ.

Бисера Костадиновска-Стојчевска
Беа споделени искуства на полето на културата за надминување на разликите, а беше потпишан и Меморандум за разбирање за културна соработка во Западен Балкан.
Меморандумот за културна соработка предвидува создавање „Отворен Балкан филмски фонд“, „Отворен Балкан сцена на ЕГЗИТ“, „Отворен Балкан вечери или сцени на сите фестивали во Регионот“ и за организирање „Отворен Балкан летен младински музички фестивал“, како и за развој на програми за младинска размена.
Елва Маргарити нагласи дека културата е важен фактор за мирот и соработката. Според неа, „Отворен Балкан отвора култура“ значи регионална културна соработка насочена кон зајакнување на дијалогот, културната размена и создавање заеднички балкански пазар и за уметноста и за креативните индустрии. Маргарити зборуваше за потребата и можностите за поддршка на младите професионалци, за формирање заеднички филмски и театарски пазар, како и пазар на книги, за промоција на културното наследство преку виртуелни тури, развој на културниот туризам.

Елва Маргарити
Вицепремиерката на Република Србија и министерка за култура и информации, Маја Гојковиќ, истакна дека „Отворен Балкан“ е регионална иницијатива која за краток временски период ја покажа својата вредност и ја оправда идејата што ги водеше лидерите на земјите што ја поведоа.
– Ова е вистинско време во неа активно да се вклучи и културата, како област што ги зближува поединците и општествата. Таа отсекогаш била најдобриот мост за разбирање и потврдување на различностите – рече Гојковиќ.
На крајот на пленарната сесија „Отворен Балкан отвора култура“ панелистите беа поздравени и од премиерите на Македонија, Албанија и Црна Гора, Димитар Ковачевски, Еди Рама и Дритан Абазовиќ, од претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и од претседателот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Зоран Тегелтија. „Отворен Балкан“ е регионална иницијатива формирана од Македонија, од Србија и од Албанија, чија цел е зацврстување, зголемување, проширување и олеснување на регионалната соработка, како и промоција на културната разновидност, меѓукултурниот дијалог и меѓусебното разбирање на трите земји.





