„Аудиција сега!“ е иницијативата што од вчера ја покренаа дипломирани невработени театарски работници од Македонија, во чест на Светскиот ден на театарот.
– Се обраќаме на надлежните, нo и на целата македонска јавност во името на над 160 дипломирани театарски работници, од кои еден дел се на професионално доусовршување во странство, дел се имаат откажано од театарот, а дел (над 60 театарџии) – невработени и вработени (но не во својата струка) актери, режисери, продуценти и драматурзи/драмски автори, државјани на С. Македонија, кои ја формираа иницијативата „Аудиција сега!“ – велат од иницијативата.
Тие велат дека нивната порака е поразлична од другите, има листа на барања, кои претставниците на иницијативата сакаат да ги продискутираат на средба со министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Приоритетно барање на иницијативата е формирање работна група за разработка на веќе постоечките, но и креирање нови културни политики, отворање нови работни места; воведување нови критериуми за оценување на проектите за независната сцена; водење сметка за процентот на учество на невработени/вработени театарџии во театарските продукции при бодувањето; задолжително ангажирање невработени режисери со по минимум еден проект во институциите годишно; ангажирање невработени актери во секоја претстава во продукција на институционалните театри и редовни конкурси за драми на македонски драмски автори.
– Сосема случајно, дел од пораката по повод Светскиот ден на театарот на д-р Ана Стојаноска, театролог, писател и професор на Факултетот за драмски уметности при УКИМ – Скопје, го објаснува она што нè поттикна да ја формираме оваа Иницијатива: „… Најважно од сѐ, публиката, критиката, театролозите, професорите да се искрени пред себе и пред театарските уметници, да се говори јавно, отворено, да се критикува, но не да се критизира, да се инспирира, да се отвораат можностите, да не се дозволува еден или двајца луѓе да креираат програма на една театарска заедница, да се даде шанса на сите што ја заслужуваат, затоа што ние сите му требаме на театарот. Ние, што го сакаме и сакаме со него да го збогатиме светот во кој живееме!“
Сите заинтересирани театарџии кои сакаат да се приклучат или да ги поддржат барањата, можат да се обратат на audicijasegainicijativa@gmail.com.





