Археолозите повторно истражуваа на Влахо во Пелагонија

Остатоци од керамика – глинени садови сликани со бела боја или обликувани во форма на животно се дел од откритијата на археолозите на последните ископувања на археолошкиот локалитет Влахо во Пелагонија. Тие вршеа сондажно ископување во западниот дел на неолитската населба за да направат увид во културните слоеви на овој простор. Археолозите констатирале дека тие се напластени во длабочина поголема од 2 метра и се доста подлабоки од оние детектирани во сондите во источниот и јужниот дел, што укажува на особено интензивен живот во оваа населба во текот на раниот неолит.

– Имајќи ги предвид и податоците добиени од континуираните истражувања на Влахо кои траат од 2020 година, станува збор за културни слоеви кои го евидентираат животот во оваа неолитска населба меѓу 6400 и 6000 година пред новата ера. Годинава намерно избравме простор меѓу два од десетината ровови констатирани со геомагнетното скенирање на локалитетот. Тоа потврди дека во него се одвивале динамични општествени и симболички процеси во најраните етапи на неолитот, а кои резултирале со постепено формирање на културни слоеви во длабочина дури повеќе од 2 метра – велат археолозите од Центарот за истражување на предисторијата.

Во рамките на мноштвото од културни слоеви тие констатирале присуство на повеќе архитектонски структури, меѓу кои и остатоци од една земуница, градба вкопана во земја. Откриени се подови од повеќе надземни објекти градени еден врз друг, а сочинети од наталожени слоеви на гареж и пепел, што упатува на горење по нивната примарна функција.

– Интересно е што во одреден простор на овие наслоени градби, се поставувале внимателно редени и поплочени камени мелници за брашно, притоа формирајќи невообичаени структури во повеќе етапи од животот во овие објекти. Некои од пронајдените мелници се вертикално и странично поставени, потврдувајќи ја нивната секундарна функција како градежни или обредни предмети – објаснуваат археолозите.

Кон интензивниот живот во раниот неолит на овој простор упатуваат и бројните наоди откриени во детектираните културни слоеви – најприсутни се остатоците од керамика, односно глинени садови неретко сликани со бела боја или обликувани во форма на животно. Откриени се и предмети поврзани со други секојдневни активности – камени ножиња и секири, коскените игли, керамичките кугли за ловење, дискови и тегови за ткаење итн.

Истражувањето на археолошкиот локалитет Влахо е резултат на постојаната плодна соработка меѓу Центарот за истражување на предисторијата и Заводот за заштита на спомениците и музеј од Битола, која континуирано трае од 2015 година.

– Благодарение на оваа соработка се истакна уникатниот карактер на Влахо кој има суштинско значење за македонското културно наследство. Овој локалитет предизвика големо внимание во светската научна јавност поради својата изненадувачка старост и автентичните архитектонски обележја, како и поради неговото неоправдано уништување при експлоатацијата на јаглен. Центарот за истражување на предисторијата и Заводот и музеј од Битола значително придонесуваат во заштитата и промовирањето на овој уникатен археолошки локалитет во Македонија, но и пошироко во Европа – децидни се археолозите.

Сподели