Археолозите открија кое животно било најдобар пријател на човекот пред кучето

Според истражувачите, Dusicyon avus имал телесна маса од 10 до 15 килограми, што е отприлика колку германски овчар

Археолозите открија животно кое било најдобар пријател на човекот пред верното куче. Изумрен вид лисица во Аргентина веројатно многу одамна ја имала оваа улога делејќи „цврста врска“ со луѓето, велат податоците од истражувањето, пренесува британскиот „Индепендент“.

Анализата на 1.500 години стари скелетни остатоци во гробница во јужноамериканската област Патагонија укажува дека Dusickion avus познат и како волк од Фолкландските Острови бил верен придружник на ловците-собирачи кои живееле пред десетина илјади години.

Во гробницата коските на лисицата припаѓаат на едно животно, додека човечките останки се од 21 различна личност. За истражувачите ова е „многу ретко и необично откритие“. Разултатите од истражувањето се објавени во списанието Royal Society Open Science и претставуваат „уникатен случај“ на партнерство помеѓу човек и дива јужноамериканска лисица. Со оглед на тоа што на коските нема траги од сечење, неолитските луѓе од овие простори не ја ловеле лисицата за храна, велат научниците.

Авторката на студијата, д-р Офели Лебрасер од Факултетот за археологија на Универзитетот во Оксфорд вели:
– Постојат неколку фактори поради кои ја идентификувавме лисицата како придружник или домашно милениче, а не како дел од исхраната на луѓето. Не најдовме траги од сечење, примерокот е закопан на човечко гробно место заедно со уште 21 човечко суштество. Ова е многу ретко и необично откритие и упатува на тоа дека животното лично им значело. Конечно, неговата исхрана наликуваше на онаа на луѓето закопани на ова место, а не на исхраната на фамилиите диви кучиња, вклучувајќи ја и типичната храна на Dusicyon avus. Или јадело заедно со луѓето, или тоа што им останувало – вели Лебрасер.

Според истражувачите, Dusicyon avus имал телесна маса од 10 до 15 килограми, што е отприлика колку германски овчар. Веројатно живеел во различни отворени области, со треви и ниски грмушки, во широките предели на Јужна Америка, вклучувајќи ги Бразил, Уругвај и Аргентина. Археолошките записи укажуваат дека Dusicyon avus исчезнал пред околу 500 години, од засега нејасни причини. Една од теориите е дека доаѓањето на домашните кучиња во Патагонија пред околу 700 до 900 години можеби придонело за нивното истребување.

Според истражувачите, секое можно парење меѓу двата вида не би одиграло голема улога во истребувањето на Dusicyon avus поради „малата веројатност за добивање одржливо и плодно хибридно потомство“.

Исто така нејасно е дали овој вид лисици биле добри миленици. Според Лебрасер, можеби некои видови помалку се плашеле од луѓето што овозможило градење на блиски врски, но науката не може да го потврди тоа во моментот.

Сепак веруваме дека пронаоѓањето на примерок Dusicyon avus во толку близок однос со заедницата на ловци-собирачи е многу ретко и навистина интересно, и претставува сосема уникатен случај на партнерство на човечкот со дивите јужноамерикански лисици – завршува Лебразер.

Фотографии: Принтсктин /извор, Јутјуб

Сподели