Археолошки предмети од неолитот, енеолитот и од железното време пронајдени на локалитетите Врбјанска Чука, Шуплевец и Милци ќе бидат дел од големата балканска изложба „Првите кралеви на Европа“ (First Kings of Europe) која денеска ќе биде отворена во Филдовиот музеј во Чикаго. Изложбата две години ќе биде поставена во неколку музеи во САД и во Канада, а во Чикаго се отвора по излагањето на Институтот за древни студии во Њујорк.
Поставката ја сочинуваат стотици други артефакти од 23 балкански музеи, кои ќе го прикажат постепениот општествен развој на предисториските заедници на овие простори. Изложбата е резултат на иницијативата на Филдовиот музеј од Чикаго и соработката со Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Битола, Музејот од Гевгелија и Заводот и музеј – Прилеп. Национален координатор на изложбата е Гоце Наумов.

Фото: Филип Кондовски
Тој е задоволен што за прв пат македонската археологија, овој пат со предмети од предисторијата се претставува на волку голем настан во САД. Тој верува дека изложбата ќе биде инспирација за натамошни вакви проекти и за останатите периоди со кои ќе се афирмира македонското културно наследтво. Според проценките, изложбата ќе има околу милион посетители.
– Ја повикувам големата балканска дијаспора во Чикаго да се запознае со овие репрезентативни предмети, бидејќи се работи за интересен културолошки контекст за Балканот, што ја носи оваа ексклузивна изложба – вели Наумов.
Ова е досега најголема изложба на балканската предисторија во светот. Во Филдовиот музеј ќе биде поставена до крајот на годинава, а во Историскиот музеј на Канада во Гатино-Отава во 2024 година.
Изложбата е проследена со зборник што го уредија Атила Гјуча и Вилијам Паркинсон, а го објави престижната издавачка куќа на Археолошкиот институт „Котсен“ при Калифорнискиот универзитет во Лос Анџелес.





