Археолошките истражувања кај Коњух ја расветлуваат културата во овој дел од ранохристијанска Европа

„Археолошките истражувања во Големо Градиште кај Коњух се од особено значење за разбирањето на урбанизмот, архитектурата и културниот живот во овој дел од ранохристијанска Европа. Токму затоа, оваа монографија не само што ја збогатува нашата научна литература, туку и нè инспирира за понатамошни истражувања и зачувување на нашето културно богатство“, беше речено на промоцијата на монографијата „Архитектонски елементи од Епископската базилика во Големо Градиште кај Коњух, Кратовско“ од археологот м-р Радомир Ивановиќ.

Преполна беше конференциска сала на Археолошкиот музеј во Скопје. Книгата претставува значаен научен придонес во истражувањето на архитектонското наследство на доцноантичкиот период во Македонија. Преку темелна анализа и детална документација, Ивановиќ овозможува нов увид во улогата и значењето на базиликата.

На промоцијата ù претходеше предавање за камените студии во археологијата – од римските каменоломи до саркофази. Во последните децении, археометриските анализи на каменот значително придонесоа за разбирање на античките техники, трговските мрежи и културните врски. Овие аспекти пред присутните ги елаборираше проф. д-р Бојан Ѓуриќ од Љубљана.

Тој заедно со Керолин Снајвли од САД, која долги години истражува на Коњух, беа промотори на монографијата. Снајвли направи краток преглед на историјатот на истражување, а Ѓуриќ говореше за поглавјата што се однесуваат на обработката на архитектонските елементи и научниот придонесот на авторот во овој сегмент на археолошката наука.

Сподели