„Темната страна на римската историја“ е насловот на изложбата на археолошки предмети од Музејот на град Скопје отворена во Археолошкиот музеј во Франкфурт. Изложбата овозможува да ги истражиме термините, но и фасцинантните аспекти од животот во римската провинција, преку археолошките откритија од античкиот град Скупи, кој денес е значаен дел од културното наследство на Македонија. Изложбата е резултат на соработката меѓу Музејот на град Скопје и Германскиот археолошки институт, кои неодамна потпишаа меморандум за соработка. Поставката ќе биде изложена до јуни.
Според Марија Станчевска-Ѓоргова, државен секретар во Министерството за култура и туризам, масовната гробница пронајдена на Скупи носи приказни за историјата, за социјалните односи и за обичаите на едно минато време кое и денес остава траги врз нашето разбирање на светот.
– Пронајдените артефакти се неми сведоци на минатото, кои ни поставуваат прашања за разбирање на животот, општествените структури и обичаите на оние што живееле пред нас. Артефактите ни даваат увид и во нивните верувања, уметнички изрази и врските што ги граделе со светот околу себе, но и за тоа како се преплетуваат со пошироките текови на Римската Империја – рече Станчевска-Ѓоргова.
Директорот на Музејот на град Скопје, Панче Велков, рече дека отворањето на изложбата во центарот на Европа е значаен настан, кој ќе ни помогне во развивањето на соработката со Германија во овој домен. Директорот на Археолошкиот музеј во Франкфурт, Волфганг Дејвид, се надева дека до јуни изложбата ќе ја видат над илјада посетители.
Изложбата „Темната страна на римската историја“ беше подготвена од покојната Ленче Јованова, а сега куратор е археологот Игор Кузмановски, кој е и задолжен за локалитетот Скупи.
Оваа изложба премиерно беше прикажана во Музејот на град Скопје во 2017 година, потоа во Подгорица во Црна Гора, во Требиње во Босна и Херцеговина, како и во Белград, Србија.
Претходно, на 26 ноември, шестмина специјалисти предводени од заменик-директорот на Германскиот археолошки институт, Лукас Вертер, го посетија Скопје, каде што беше потпишан и меморандум за соработка кој претставува прв чекор во воспоставување на соработката на државно ниво меѓу Министерството за култура и туризам и Германскиот археолошки институт.





