Аргументирана дебата на кандидатите за ректор на УКИМ што ја организираше НАкС

Во релаксирана атмосфера, нагласена заемна почит, отворена, аргументирана дебата и слобода на изразување помина трибината на која кандидатите за ректори на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ ги претставија своите програми. Дискусијата ја организираше Независниот академски синдикат (НAкС). На настанот учествуваа петмина кандидати за ректор, професорите Горан Ајдински и Рако Дуев од Филозофскиот факултет, Христина Спасевска и Димитар Ташковски од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) и Атанас Кочов од Машинскиот факултет, освен проф. Биљана Ангелова од Економскиот институт.

– НАкС се бори за демократизација на високото образование од своето основање. Демократизацијата го вклучува и начинот на избор на ректор, па фактот што ректорот на УКИМ се избира на непосредни избори и од страна на сите членови на наставно-научните совети на единиците го сметаме и за наша заслуга – велат од НакС.

Трибината беше отворена со претставување на сите присутни кандидати преку нивен личен избор на три најгорливи проблеми на УКИМ и три конкретни решенија преку кои би се решиле. Во вториот дел од трибината беа поставувани прашања на четири теми кои НАкС ги лоцираше како свои критериуми за избор на ректор. Ректор треба да биде оној кој:

• Ќе ја разбира и чува автономијата на УКИМ како форма на највисока одговорност, со транспарентно и отчетно работење;
• Ќе се залага за квалитет на образованието и посветено ќе работи на меѓународниот рејтинг на УКИМ;
• Нема да се меша во синдикалното организирање, но ќе ја води борбата за подобар стандард на сите вработени на УКИМ принципиелно, без понатамошно вовлекување на УКИМ во личните, партиските и други клиентелистички интереси.

Но, пред сè, идниот ректор на УКИМ треба да гарантира пријатна и здрава средина на Универзитетот која поттикнува отворени расправи и без која нема вистински раст. Идниот ректор на УКИМ мора првенствено да го надмине токму овој предизвик на основниот услов за секој прогрес: отворена и академска дебата!

Сподели